dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Членовите на Фискалниот совет на работна средба во ДЗР

09.11.2023

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и неговите соработници, ги пречекаа на првичен состанок членовите на Фискалниот совет.

Со реформскиот Закон за буџети, формирано е независно тело, кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјата. Советот го сочинуваат независни членови предложени од Државниот завод за ревизија, Народната банка и МАНУ коишто ги избира Собранието на Република Северна Македонија.

Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка, воедно претседател на Фискалниот совет.

На средбата, Главниот државен ревизор, г. Ацевски го истакна задоволството и очекувањата дека ова независно тело ќе игра клучна улога во макроекономските и фискалните политики и управувањето со јавните финансии во земјата, ценејќи го професионалното искуство на избраните членови на Фискалниот совет.

Презентирајќи ги постигнатите резултати од работењето на Државниот завод за ревизија, како Врховна ревизорска институција во државата која во континуитет преку исполнувањето на законските надлежности придонесува со својата додадена вредност во остварувањето на поефикасно контролно опкружување и заштита на јавните средства, Главниот државен ревизор покажа силна одлучност и отвореност за воспоставување на соработка со Фискалниот совет во иднина.

Задоволството и подготвеноста за соработка и размена на податоци и материјали ја истакнаа и членовите на Фискалниот совет, а синергијата помеѓу Советот и Државниот завод за ревизија е клучна и неопходна со цел придвижување и подобрување како на фискалните политики, така и на управувањето со јавните финансии во земјата, истакна академик Абдулменаф Беџети.