dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Меѓународна соработка

29.03.2023
INTOSAI

INTOSAI

ДЗР е членка на Меѓународната организација на врховни ревизорски институции (INTOSAI) од 2001 година. Главната цел на INTOSAI е да промовира размена на идеи, знаења и искуства меѓу нејзините членки, врховните ревизорски институции на земјите од целиот свет, со други меѓународни организации и засегнати страни во областа на ревизијата на јавниот сектор.

ДЗР членува во Работната група за животна средина од 2001 година, чии клучни цели се да се зголеми експертизата за ревизија на животната средина на глобално ниво и да се подобри управувањето со животната средина преку висококвалитетен придонес и видливост.

ДЗР, исто така, е членка во Работната група за јавен долг чија мисија е поттикнување на соодветно известување и добро управување со јавниот долг, како и поддршка за ВРИ во развивањето знаења и вештини за ревизија на јавен долг.

EUROSAI

EUROSAI

Европската организација на врховни ревизорски институции (EUROSAI) е една од седумте регионалните организации на INTOSAI основана во 1990 година со 30 членови - ВРИ на 29 европски држави и Европскиот суд на ревизори, а сега брои 51 член. ДЗР е членка на оваа организација од 2002 година. Стратешките цели на EUROSAI се реализираат преку работни групи, тела и фокусни групи.

ДЗР активно членува во Работната група за животна средина од 2002 година, која ја усвои визијата на Работната група за животна средина на INTOSAI - да се искористи моќта на ревизијата на јавниот сектор за да се остави позитивно наследство за идните генерации преку подобрување на управувањето со природните ресурси и животната средина, како и здравјето и просперитетот на луѓето во Европа.

ДЗР, исто така, е членка во Работната група за ИТ од 2005 година, чија цел е да го продолжи институционалното споделување на експертиза и искуства меѓу ВРИ од Европа и да го поттикне спроведувањето на заеднички активности во областа на информатичката технологија.

Во 2011 година, EUROSAI формираше Фокусна група за ревизија и етика, за промовирање на етичко однесување и интегритет во врховните ревизорски институции и во јавниот сектор. ДЗР беше активна членка и даваше свој придонес во оваа група од нејзиното формирањето сѐ до исполнувањето на мандатот во 2021 година. Темата ревизија и етика остана на агендата на Организацијата и за таа цел се формираше Мрежа за етика задолжена за управување со постојана платформа за информирање и соработка на теми во врска со управување со етиката на ВРИ, подигање на свеста за интегритетот на ВРИ, иницијативи за ревизии поврзани со етика и нивната антикорупциска улога, во која членува и ДЗР.

Во 2016 година EUROSAI формираше Фокусна група за ревизија на ЕЛС, каде ДЗР активно членува и соработува за размена на добри практики и искуство и спроведување на кооперативни ревизии.