dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Потпишан Меморандум за соработка со ВРИ Република Словачка

07.11.2023

Во периодот 6-7.11.2023 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми со своите соработници се домаќини на делегација од Врховната ревизорска институција на Република Словачка, предводена од Претседателот на ревизорската институција, г. Љубомир Андраши.

Во рамки на остварената билатерална средба, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателот на ВРИ Република Словачка г. Љубомир Андраши потпишаа Меморандум за соработка со кој двете институции се обврзуваат преку заеднички заложби и активности за континуирана професионална и техничка соработка да ги зајакнуваат своите професионалните капацитети во промовирањето на отчетна и ефективна надворешна ревизија.

За време на работниот дел, претставниците на двете Врховни ревизорски институции имаа презентации и дискутираа на повеќе теми и области во врска со развојот на човечките ресурси, континуирана едукација на вработените и професионален развој, како и за мерењето на перформансите и индикатори за успешност од вршењето на државната ревизија.

Главните државни ревизори заедно со Амбасадорот на Република Словачка во државата, Н.Е. г. Хенрик Маркуш  остварија работни средби со Претседателот на Собранието на РСМ г. Талат Џафери, како и со постојаниот претставник на УНДП  г. Арменд Григоријан и регионалната директорка на УНДП во Истанбул, г-ѓа Стелиана Недера.