dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Успешна реализација на планот за обуки за 2022 година

26.12.2022
Слика
Успешна реализација на планот за обуки за 2022 година

Годишниот циклус на обуки за развој и унапредување на знаењата на државните ревизори е заокружен со одржување на едукација од областа на системот и функционирањето на внатрешните контроли, финансиски поддржана од Програмата за развој на Обединетите нации.

На работилницата воведно обраќање имаше Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, кој се осврна и укажа на улогата и значењето на континуираниот процес на едукација на вработените, како алатка за зголемување на знаењата и вештините на вработените и оставренитите резултати во текот на 2022 година.

Едукацијата ја одржуваа искусни професионални обучувачи и експерти и тоа меѓународниот консултант од Р. Хрватска, проф. Борис Тушек, г-ѓа Тања Тасевска, Советник на Главниот државен ревизор за ревизорски методологии и практика и г-ѓа Наташа Мисовска, Советник на Главниот државен ревизор за унапредување на ревизијата.

Во текот на едукацијата г. Тушек даде свој осврт на теми поврзани со системот на внатрешните контроли, можностите за користење на работата на внатрешните ревизори при вршење на државната ревизија, како и организациските и методолошките аспекти на внатрешната ревизија.  

Исто така, свое излагање имаа и г-ѓа Тасевска на тема поврзана со содржината на резимеа во ревизиите на успешност и подобрување на вештините за пишување на истите, додека г-ѓа Мисовска го презентираше Упатството за ревизија на родова еднаквост.

Едукацијата за државните ревизори е активност која произлегува од склучениот Меморандум за разбирање помеѓу Државниот завод за ревизија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), и е предвидена во Годишниот план за континуирано професионално усовршување и обуки на ДЗР за 2022 година.