15.1 До 2020 година да се гарантира заштита, обнова и одржливо користење на копнените и на континенталните слатководни екосистеми и на нивните услуги, особено на шумите, мочуриштата, планините и сушните подрачја, во согласност со обврските од меѓународните договори
15.2 До 2020 година да се промовира одржливото управување на сите видови шуми, да се запре обесшумувањето, деградираните шуми да се вратат во првобитната состојба и значително да се зголеми обновувањето на деградираните шуми и пошумувањето на глобално ниво
15.3 До 2030 година да се продолжи со борбата против опустинувањето, деградираното земјиште и почви да се вратат во првобитната состојба, вклучувајќи ги и земјиштата погодени со опустинување, суши и поплави, и да се прават напори за постигнување на свет без активности кои го деградираат земјиштето
15.4 До 2030 година да се осигури заштита на планинските екосистеми, вклучително и на нивната биолошка разновидност со цел да се подобри нивниот капацитет за обезбедување придобивки кои се од суштинско значење за одржливиот развој
15.5 Да се преземат итни и значајни мерки за намалување на деградацијата на природните живеалишта, да се запре губењето на биолошката разновидност и до 2020 година да се заштитат загрозените видови и да се спречи нивното изумирање
15.6 Да се промовира фер и рамноправна распределба на придобивките што произлегуваат од користењето на генетските ресурси и да се промовира соодветен пристап до тие ресурси, во согласност со меѓународните договори
15.7 Да се преземат итни мерки за ставање крај на криволовството и на трговијата со заштитени видови флора и фауна и за решавање на проблемите поврзани со побарувачката и понудата на нелегални производи од дивата флора и фауна
15.8 До 2020 година да се воведат мерки за спречување и контрола на внесувањето и значително намалување на влијанието на инвазивните видови во копнените и во водните екосистеми и контрола или искоренување на приоритетните видови
15.9 До 2020 година да се интегрираат вредностите на екосистемите и биолошката разновидност во националните и локалните планови, развојни процеси, стратегии и активности за намалување на сиромаштијата
15.a Да се мобилизираат и значително да се зголемат финансиските средства од сите извори за заштита и одржливо користење на екосистемите и биолошката разновидност
15.б Да се мобилизираат значајни средства од сите извори и на сите нивоа да се финансира одржливо управување со шумите и да се обезбедат соодветни стимулации за унапредување на ваквото управување во земјите во развој, вклучително и за заштита и обновување на шумите
15.в Да се подобри глобалната поддршка на напорите за борба против криволовството и трговијата со заштитени видови, вклучително и преку зголемување на капацитетите на локалните заедници да користат одржливи извори на приходи