На ден 18.02.2026 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше на Годишната конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, која се одржа денеска во Скопје, во организација на Влада на Република Северна Македонија, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Меѓународна организација на трудот (МОТ) и Економски факултет – Скопје.
Конференцијата претставува значаен национален форум за унапредување на координираниот пристап во справувањето со неформалната економија, преку зајакната институционална соработка, размена на искуства и дефинирање конкретни мерки и активности.
На отворањето на конференцијата се обратија претседателот на Владата г. Христијан Мицкоски, министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за економија и труд г. Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Мијалче Санта, националниот координатор на МОТ за Северна Македонија, г. Емил Крстановски, како и постојаниот претставник на УНДП во земјата, г. Армен Григоријан.
Во рамки на конференцијата, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски беше еден од потписниците, во име на Државниот завод за ревизија, на декларацијата за партнерство и акција „Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Со потпишувањето на декларацијата се потврдува заложбата на институциите за координирано и системско делување, насочено кон намалување на неформалната економија, зајакнување на владеењето на правото, унапредување на транспарентноста и обезбедување одржлив економски развој.
Учеството на Државниот завод за ревизија на овој настан ја нагласува улогата на врховната ревизорска институција во обезбедување отчетност, подобро управување со јавните средства и поддршка на реформските процеси кои придонесуваат кон формализирање на економските текови во државата.