Во просториите на Државниот завод за ревизија се одржа билатерална средба со делегацијата на Врховната ревизорска институција на Романија, предводена од претседателката на Судот на сметки на Романија, г-ѓа Mirela Călugăreanu.
Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, ја пречека делегацијата и ја истакна важноста на меѓусебната соработка меѓу врховните ревизорски институции, како клучен механизам за размена на знаења и унапредување на ревизорските практики.
„Соработката со колегите од Романија претставува можност за унапредување на професионалните стандарди и заедничко промовирање на ревизијата како алатка за подобро управување и поголема одговорност во јавниот сектор,“ нагласи м-р Ацевски.
Во рамките на средбата беа презентирани главните активности и резултати на Државниот завод за ревизија, меѓу кои Годишниот извештај, пристапот кон создавање додадена вредност преку ревизорската работа, ревизиите на единиците на локалната самоуправа и следењето на Целите за одржлив развој, визуелизацијата на ревизорските резултати и комуникациската стратегија на институцијата.
Претседателката на Врховната ревизорска институција на Романија, г-ѓа Mirela Călugăreanu, ја потенцираше значајноста на институционалната доверба и континуираниот дијалог меѓу врховните ревизорски институции:
„Денешната средба претставува потврда на нашата заедничка определба да градиме партнерства засновани на професионализам, транспарентност и споделени вредности,“ изјави таа.
Во рамките на посетата, претседателката Călugăreanu и главниот државен ревизор Ацевски остварија средба и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, на која се разговараше за улогата на врховните ревизорски институции во поддршка на демократските процеси и парламентарниот надзор.
Средбата заврши со заеднички заклучок дека постои силен потенцијал за понатамошна соработка меѓу двете институции, особено во рамките на идни паралелни ревизии и заеднички иницијативи во областите од заемен интерес.