dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Билатерална средба помеѓу Државниот завод за ревизија и Државната ревизорска институција на Црна Гора

29.09.2025

Денес, 29 септември 2025 година, во просториите на Државниот завод за ревизија во тек е билатерална средба во рамки на паралелната ревизија „Програми за рана детекција на малигни заболувања“. На средбата учествуваат Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и д-р Бранислав Радуловиќ, сенатор на Државната ревизорска институција на Црна Гора, заедно со ревизорските тимови од двете институции.

Средбата ја отворија м-р Ацевски и д-р Радуловиќ, кои ја потенцираа долгогодишната успешна соработка меѓу институциите. „Нашата заедничка работа е пример како преку партнерство може да се унапреди ревизорската практика и да се даде придонес кон општествено значајни теми, каква што е заштитата на јавното здравје,“ истакна м-р Ацевски.

Со оваа ревизија раководи Помошникот на Главниот државен ревизор, Соња Камбовска, која со својот тим активно ја координира работата и размената на искуства во рамки на проектот.

Во текот на првиот ден, акцент беше ставен на дискусија за утврдените наоди од ревизијата, размена на искуства меѓу ревизорските тимови и презентација на користените работни документи.

Работата ќе продолжи и утре, 30 септември 2025 година, кога во фокус ќе бидат изработката на матрицата на наоди, усогласувањето на структурата и динамиката за подготовка на конечниот извештај и дефинирањето на наредните чекори.

„Паралелните ревизии не се само технички процес, тие се и можност за градење на заеднички стандарди и размена на најдобри практики меѓу институциите,“ нагласи д-р Радуловиќ.

Со оваа средба се зајакнува институционалната соработка и се отвораат нови перспективи за идни активности во рамки на кооперативни ревизии од заеднички интерес.