dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Државниот завод за ревизија го објави Годишниот извештај за 2023 година - 66 ревизии и 697 препораки за подобрување на управувањето со јавните средства

28.06.2024

Државниот завод за ревизија успешно ја реализираше Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година и на ден 27.06.2023 година, согласно член 33 став 2 од Законот за државната ревизија („Службен весник на РМ“ бр. 66/2010, 145/2010, 12/2014, 43/2014, 154/2015, 192/2015, 27/2016 и 83/2018 година и „Службен весник на РСМ" бр. 122/2021), Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски до Претседателот на Собрание, г. Африм Гаши, го достави Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2023 година.

Во текот на 2023 година, Државниот завод за ревизија ја реализираше својата Годишна програма за работа, со која беа извршени 66 ревизии, утврдени 957 состојби и дадени се 697 препораки, сите содржани во 100 ревизорски извештаи.

Од вкупно 66 извршени ревизии, 47 се ревизии на регуларност, 9 се ревизии на успешност, 2 се ИТ ревизии, 4 се ревизии на усогласеност и 4 Follow up - ревизии.

Годишната програма за работа ја истакна важноста на ревизиите на успешност, со фокус на актуелни прашања од интерес за јавноста и објективен приказ на состојбите во областите на целите за одржлив развој, родовата еднаквост, одливот на високообразовани и стручни кадри, експлоатација на минералните ресурси, развојот на студентскиот стандард, користењето на здравствените услуги, заштита на критичните информациони системи, капиталните инвестиции, националниот портал Е-услуги и други.

Значењето на ефективното користење на капиталните инвестиции за обезбедување на подобри услуги за сите граѓани, го истакнува главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и во воведниот дел од извештајот:

 „Капиталните инвестиции имаат додадена вредност доколку обезбедат навремени, квалитетни и континуирани услуги за граѓаните“

Со ревизиите во 2023 година е зголемен опфатот на ревидирани расходи во однос на вкупните буџетски средства и е зголемена додадената вредност од извршените ревизии, особено во однос на утврдените помалку пресметани, помалку вратени или помалку уплатени средства во Буџетот на Република Северна Македонија и во буџетите на општините.

Со оваa, Државниот завод за ревизија ја потврдува својата посветеност и ентузијазам за унапредување на отчетноста, транспарентноста и јакнењето на финансиската одговорност во јавниот сектор и начинот на користење на јавните средства на даночните обврзници.

Целосната содржина на Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2023 година можете да ги преземете од следните линкови:

Писмо за доставување на ГИ до собранието на РСМ