dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Делегација на Врховната ревизорска институција на Полска во посета на Државниот завод за ревизија

27.03.2024

Во духот на зацртаните активности со потпишаниот Меморандум за соработка, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски го пречека на билатерална посета, Претседателот на Врховната канцеларија за ревизија на Република Полска, г. Марјан Банаш.

Заложбите на двајцата претставници на врховните ревизорски институции на овој билатерален состанок беа зајакнувањето на соработката меѓу двете врховни ревизорски институции и размената на добри ревизорски практики, со што ќе се придонесе за унапредување на знаењата и резултатите од извршените ревизии, а со тоа поголема економичност, ефикасност и ефективност во користењето на јавните средства и во создавањето на ефективна контролна средина.

Главниот државен ревизор, г. Ацевски презентирајќи ги успешните и високо оценети и признаени резултати од досегашната посветеност и напорна работа на ДЗР, како од домашните, исто така и од меѓународните институции, уште еднаш ја истакна желбата и довербата за продлабочување на оваа меѓу институционалната соработка.

На средбата особено се осврнаа на можноста за спроведување на peer-review на работењето на ДЗР и утврдување на рамка на конкретни идни активности во таа насока. Исто така се истакна и очекуваната поддршка и соработка и во рамките на меѓународните ревизорски организации ЕУРОСАИ и ИНТОСАИ, а воедно и организирање на заеднички настани и обуки од взаемен интерес за двете врховни ревизорски институции.

Претседателот на Врховната канцеларија за ревизија на Република Полска, г.Банаш, ценејќи ги постигнатите резултати и забележувајќи ја улогата, значењето и професионализмот на ДЗР, ја истакна неговата подготвеност, поддршка и заложба за интензивирање на меѓусебната соработка и во други области за теми кои се од заеднички интерес. На средбата даде мал осврт на институционалниот развој на Врховната канцеларија за ревизија и поставеноста, успесите и напредокот низ годините, како и предизвиците со кои се соочуваат.

Во рамките на оваа посета, Главниот државен ревизор, г. Ацевски и Претседателот на ВРК, г.Банаш остварија средба со Заменик претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Горан Мисовски, на која дискутираа за меѓусебната соработка, следејќи ги позитивните практики на земјите членки на Европската Унија.