dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Продлабочување на соработката со граѓанските организации

10.11.2023

Вклучувањето на граѓанските организации во процесот на ревизија овозможува зголемување на транспарентноста, отчетноста и влијае на подобрување на управувањето со јавните средства и услугите кон граѓаните.

Ова денеска го истакнаа присутните на работилницата организирана од Државниот завод за ревизија со граѓански организации на тема „Продлабочување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и граѓанските организации", поддржана од Вестминстер Фондацијата за Демократија (WFD).

Фокус на ова работилница беше презентирање на резултатите од работењето на Државниот завод за ревизија, воспоставените комуникациски канали и алатки со надлежните институции, општата јавност, медиумите и граѓанските организации, процесот на извршување на ревизија, како и изготвувањето на Годишната програма за работа на ДЗР.

Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски истакна дека е од големо значење ефективниот дијалог и соработката со сите групи на интерес, но со посебен осврт на граѓанските организации, како трет сектор во нашето општество, кој игра значајна улога не само во креирањето на општествените политики со цел втемелување на демократски вредности и подобрување на животниот стандард на сите граѓани, туку игра значајна улога и во процесот на спроведување на ревизија со цел зголемување на одговорноста, транспарентноста и отчетноста при управување и користење на јавните средства.

Главниот државен ревизор повтори дека неговата цел и на Државниот завод за ревизија, е граѓанските организации да бидат вклучени, не само во фаза на подготовка на Годишната програма за работа на ДЗР со предлагање на теми и области за ревизија, но од големо значење ќе биде и нивното вклучување и во други фази во процесот на ревизијата, како што до сега во неколку наврати Вестминстер Фондацијата за Демократија обезбедила експертска помош при спроведувањето на ревизиите на успешност кои барат стручен кадар за анализа на состојбите, а во насока на постигнување на заедничката цел - користење и одговорно управување со јавните средства и за доброто на граѓаните.

Од друга страна, претставниците на граѓанските организации ја поздравија ваквата иницијатива на Државниот завод за ревизија за вклучувањето на нивните предлози за теми за ревизија на успешност во Годишната програма на ДЗР. Тие изразија подготвеност за продлабочување на соработката не само во изборот на ревизорските теми, туку и во другите фази од процесот, со посебен акцент на следењето на спроведувањето на препораките.

Граѓанските организации треба да бидат активен глас на ревизорската работа со цел да се зголеми интегритетот, транспарентноста, отчетноста како и да се подобри управувањето и услугите кон граѓаните.