dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Извештај на ДЗР разгледан во Комисијата за финансирање и буџет

17.10.2023

На покана на Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски присуствуваше на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.


На Комисијата за финансирање и буџет како единствена точка на дневен ред беше разгледувањето на Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје за 2021 година.


Разгледувањето и дискутирањето по поединечниот конечен ревизорски извештај во Комисијата за финансирање и буџет како матично тело во Собранието, се реализира како активност за прв пат во историјата на Собранието, а произлегува од потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на РСМ во кој се предвидува разгледување на поединечни конечни ревизорски извештаи на ДЗР.


Во објавениот конечен ревизорски извештај на сметката за средства од Фондот (737) изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.

По неколкудневна расправа, Комисијата за финансирање и буџет усвои заклучоци по дебатата за извештаите на ДЗР за Онкологија со кои се даваат насоки за постапување на надлежните институции, укажувајќи дека е потребно Министерството за здравство во соработка со Министерството за финансии да ги обезбеди потребните средства за реализација на утврдените активности и да изврши подмирување на обврските кон Јавните здравствени установи.

Собранието ги повикува одговорните лица за раководење и управување со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија да преземат мерки за изготвување и донесување на медицински протоколи за приклучување на пациентите на биолошка терапија. Приклучувањето да се врши исклучиво врз основа на мислење на стручен колегиум кој има обврска да ги утврди реалните потреби и да му ги предложи на директорот на клиниката кој во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување имаат обврска да ги обезбедат потребните финансиски средства за набавка на истите.

Исто така, Собранието му препорачува на Министерството за здравство да достави задолжување до Јавните здравствени установи да обезбедат информација за опремата која е набавена, но не е ставена во употреба, со наведување на причините за таквата состојба и во координација со надлежните органи да се преземат мерки за ставање на истата во употреба.