dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Продлабочување на соработката со ВРИ на Република Косово

18.07.2023

На ден 17.07.2023 година, Државниот завод за ревизија беше домаќин на делегацијата од Националната канцеларија за ревизија на Република Косово предводена од Главниот ревизор г-ѓа Влора Спанца, на која срдечно добредојде и посакаа Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми со своите соработници.

Билатералната посета на делегацијата на Врховната ревизорска институција на Р. Косово претставуваше одлична можност за претставниците од двете институции да ги разменат и споделат своите позитивни практики во постапувањето и вршењето на државната ревизија и да ги презентираат постигнатите резултати и успешно спроведени активности во своето работење.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, заблагодарувајќи се за досегашната успешна соработка со Канцеларијата за ревизија на Р. Косово изрази уверување дека со продлабочувањето на соработката помеѓу двете Врховни ревизорски институции и споделувањето на добри практики во постапувањето и вршењето на државната ревизија, ќе се зголеми придонесот на институциите во ефикасноста, економичноста и ефективноста на користењето на јавните средства и создавање на ефикасно контролно опкружување.

Главниот ревизор на Националната канцеларија за ревизија на Р. Косово г-ѓа Влора Спанца, заблагодарувајќи се на гостопримството на домаќините, упати пофални зборови за постигнатите резултати на Државниот завод за ревизија особено во комуникациските процеси со засегнатите страни и високиот степен на транспарентност, отчетност и видливост во работењето на ДЗР, област во која како што истакна верува дека во иднина ќе успеат да го следат успешниот пример на Државниот завод за ревизија.

Претставниците на двете Врховни ревизорски институции, остварија работна средба и со Претседателот на Собранието на РСМ, г. Талат Џафери, на која дискутираа за успешната соработка помеѓу двете институции, како и за продлабочената соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на РСМ.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу ДЗР и Собранието на РСМ претставува израз на подготвеност за продлабочување на соработката вклучувајќи ја и досегашната практика на разгледување на Годишниот извештај за извршените ревизии и работата на ДЗР, донесување на Заклучоци од страна на Собранието на РСМ и Извештај од Комисијата за финансирање и буџет.