dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Неефикасно и неефективно управување со ризиците од пожарите

02.02.2023
Слика
Насловна заштита од пожари

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми -

Скопје, 02.02.2023 година

Неефикасно и неефективно управување со ризиците од пожарите

Воспоставениот систем за управување со кризи и заштита од пожари не обезбедува услови за ефикасно и ефективно управување со ризиците и справувањето со пожарите на отворен простор

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Систем за управување со кризи и заштита од пожари‘‘ согласно Годишната програма за работа со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали воспоставениот систем за превенција и заштита од пожари овозможува ефективно зачувување на животната средина, здравјето и животот на луѓето?‘‘     

Во периодот од 2019 до 2021 година пожарите кои се случија на територија на Република Северна Македонија предизвикаа огромни штети врз животната средина. Во тој период опожарена е површина од 29.224,51 hа  или 3% од вкупната шумска површина во државата и уништена дрвна маса од 594.009,68 m3.

Од извршената ревизија на законската рамка со кој се регулира системот и националните политики за превенција и заштита од пожари е констатирано забавено темпо на донесување на стратешки и програмски со мерки за заштита и спасување од пожари, не се предвидени развојни проекти во областа и отсуствуваат дејства, активности и постапки од превентивен и оперативен карактер кои треба да ги спроведуваат учесниците во Системот за заштита и спасување, како и некоординиран пристап на локално, национално, регионално и меѓународно ниво во справувањето со опасностите од природни непогоди и други несреќи.

Имено, од 2018 година не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување за период од пет години и годишни програми за заштита и спасување, во 2019 година Владата има усвоено Национална платформа за намалување на ризици од катастрофи, но за истиот, за периодот опфатен со ревизијата (2019 – 2021 година) не е донесен Акциски план.

Со Законот за шумите предвидена е обврска да се донесе Национален план за управување со пожарите на отворен простор, кој и по  9 години  од востановување на обврската за негово носење, сѐ уште не е донесен.

За спроведување на Националниот план, во 2013 година требалo да се формира Национален комитет, истиот не е формиран, а во нацрт верзијата на новиот Закон за шумите, кој е во подготовка, ова тело не е предвидено.

Согласно Законот за заштита и спасување предвидена е обврска за донесување на Процена за загрозеност од природни непогоди и други несреќи на централно и локално ниво изработена од Дирекцијата за спасување и заштита. Ревизорите истакнуваат дека важечката Методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирање на заштитата и спасувањето  е донесена во 2006 година, не посветува  внимание на делот за  разработување за начинот и постапката на процесот на мапирање, анализирање и проценување на ризиците, како и не содржи временска рамка во која е потребно да се изврши ажурирање на процената.

Слична законска обврска за изработка на Процена на загрозеноста на безбедноста на Република Северна Македонија од сите ризици и опасности е пропишана и во  Законот за управување со  кризи и ревизијата смета дека е потребно надлежните институции да  преземат активности за преиспитување на потребата од постоење на две засебни методологии за исти видови на ризици и  две процени кои имаат речиси идентична содржина.

.Во Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи истакнато е дека институциите кои се вклучени во СУК и СЗС „не дејствуваат синхронизирано и дека меѓу нив постои дуализам, ривалитет и некоординираност‘‘ при постапување во услови на криза, што се одразува врз ефикасноста на СУК.

Имено, не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гасење, како и мерки за намалување и санирање на последиците од пожарите и обновување на животната средина.

Во 2018 година донесена е Уредба за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението, но истата не е применлива, од причина што системот за известување и тревожење, којшто датира од 1980 година, не е функционален.

Со ревизијата констатирани се разлики во висината на надоместокот предвиден со Уредбата за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето, во кој се утврдени проценти за пресметка на надоместокот на лицата ангажирани во тимовите за брз одговор согласно нивните звања, но не е определена основица на која ќе се врши пресметката на вака утврдените проценти.

Начинот на финансирање на дејноста која ја вршат Територијалните противпожарни единици (ТППЕ) влијае на нивното ефикасно функционирање, а постоечките кадровски и технички капацитети се недоволни.

Со ревизијата се утврди дека во актот за систематизација на ЈП „Национални шуми“ предвидени се 250 работни места за шумочувари, но поради отсуство на критериуми за распределба, дел од подружниците се соочуваат со недоволен број на шумочувари, додека во една подружница според старосна структура и остварување на правото за пензионирање, следната година ќе остане без шумочувари.

Исто така во однос на вкупниот број на предвидени пожарникари во сите ТППЕ изнесува 1.423, а пополнетиот број на овие работни места е 994 пожарникари[1]. Со ревизијата е утврдено дека во законската регулатива не е утврден бројот на професионални пожарникари според големината на подрачјето кое го покрива ТППЕ, степенот на загрозеноста од пожари, видот на објектите што се заштитуваат, бројот и големината на противпожарните единици во правните лица и бројот и големината на доброволните противпожарни единици.

Несоодветната обученост на силите за заштита и спасување исто така, ја намалува ефикасноста на институциите во справување со пожарите на отворен простор.

Лицата кои раководат со акциите за гаснење на пожар се должни во рок од три месеци сметано од денот на стекнување со тоа својство да положат стручен испит за раководител на акција за гаснење на пожар и спасување на луѓе и имот согласно Програма за оспособување на раководител на акција за гаснење на пожари и спасување на луѓе и имот. Испитот се полага пред Комисија  формирана од директорот на ДЗС. Во периодот предмет на ревизија не е формирана и не била активна.

Со стапување на сила на Законот за пожарникарството во 2017 година, ТППЕ  се децентрализираат и од МВР преминуваат во надлежност на општините, со што дел од финансиски средства за плати и надоместоци продолжуваат да се обезбедуваат од буџетот на МВР, а од 2019 година, со Одлука на Влада овие средства се трансферираат преку сметка на МО.

Согласно законските обврски уредено е дека општината за секое ангажирање на дополнителен број на пожарникари над постојниот (по денот на влегување во сила на Законот за пожарникарство) е должна да обезбеди средства за плати на пожарникарите од сопствениот буџет. Оваа законска одредба за општините кои остваруваат помали приходи претставува ограничувачки фактор при ангажирање на пожарникари и може неповолно да влијае во случај на потреба од брз одговор и навремено спречување на ширење на пожарите на отворен простор.

Поради утврдени недоследности во почитување на законска одредба која се однесува на зголемување на платата на професионалните пожарникари поради видот и природата на работата што ја извршуваат, дел од пожарникарите започнале судски постапки пред надлежните судови, кои завршиле со пресуди во нивна корист. По тој основ, во периодот 2017 до 2022 година, од страна на општините кои беа опфатени со ревизијата на име главен долг, судски и адвокатски трошоци исплатени се речиси 148 милиони денари.

Слична состојба ревизорите утврдиле и во ЦУК, каде што поради нецелосно почитување на законските одредби кои се однесуваат на вработените кои своите работни задачи ги извршувале во смени и дежурство за што не добивале надоместок, започнати се судски спорови пред надлежните органи коишто завршиле во корист на вработените. По тој основ, во периодот 2020 – 2021 година ЦУК има реализирано расходи во износ од 9 милиони денари, кои се однесуваат на главен долг, камата и извршители.

Утврдени се и системски слабости кои се однесуваат на непрецизно уредување на надлежностите за потврдување на остварениот приход од осигурителните компании, како и недостаток на одредба за надзор над уплатата на средствата за проширена репродукција од страна на  субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна и приватна сопственост и правните субјекти кои вршат промет на дрва. По тој основ, со ревизијата заклучивме дека во Буџетот на Република Северна Македонија не се уплатени 379 милиони денари.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72 228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517
[email protected]

 

[1] Извор на информација: Информација за потребите и План на активности  заради зголемување на ефикасноста на системот за заштита и спасување во справување со пожарите во претстојната сезона