dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Годишна програма за работа на ДЗР за 2023 година

27.12.2022
Слика
ГП за работа на ДЗР за 2023 година

Зголемен опфат на ревидирани јавни средства, зајакнување на знаењата и вештините на вработените, вршење на ревизија на успешност на различни програми и проекти во функција на остварување на отчетноста и доброто управување, испитување на резултатите во однос на економичноста, ефикасноста и ефективноста на активностите на јавниот сектор, информирање на засегнатите страни и јавноста за утврдените состојби во конечните ревизорски извештаи, се главните приоритети утврдени во Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2023 година, која ја донесе Главниот државен ревизор согласно неговите законски надлежности.

Државниот завод за ревизија во 2023 година планира да изврши вкупно 78 ревизии, од кои 50 се однесуваат на ревизија на регуларност, 13 ревизија на усогласеност и 11 ревизии на успешност, од кои најмалку 4 ревизии на успешност ќе бидат спроведени како кооперативни ревизии во соработка со ВРИ, како и 4 ревизии на спроведување на дадените препораки содржани во КРИ од минатиот период, кои се прикажани во Прегледот на планирани ревизии, кој е составен дел на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година.

Приоритети на Државниот завод за ревизија во 2023 година ќе бидат:

  • испорака на мерливи резултати од вршењето на државната ревизија во целосна согласност со меѓународните ревизорски стандарди, а во интерес на граѓаните и на Собранието на Република Северна Македонија;
  • давањето на јасни и ефективни препораки на државните и другите институции од јавниот сектор во унапредување на управувањето со јавните средства;
  • давање придонес за зголемување на транспарентноста и отчетноста на користењето на јавните средства / средствата на даночните обврзници, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните;
  • утврдување на состојби на даночна евазија, неплаќање на јавни давачки и надоместоци во Буџетот на Република Северна;
  • ревизија на доделувањето на договорите за ЈН со посебен акцент на доделувањето на договорите за ЈН во услови на енергетска криза;
  • давање насоки за начинот на планирање на капиталните инвестиции, обезбедувањето на потребните средства и утврдување на ефектите од наведените инвестиции, како и
  • следење на степенот на задолжување и давање придонес во начинот управување со јавните финансии.

Визијата и мисијата на Државниот завод за ревизија останува стремежот кон одржување на нејзината независност, етичност и чесност, спроведувајќи ги надлежностите согласно законот и мандатот, промоција на објективноста и транспарентноста, инспиративноста и иновативноста да се даде најдобар пример, заштита на јавниот интерес во функција на постигнување на високо ниво на доверба од јавноста.

Неминовно е да се истакне дека Државниот завод за ревизија чувствувајќи ја потребата од зголемување на својата транспарентност, отчетност и одговорност во рамки на подготвување на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година достави известување за доставување на барања/предлози за вршење на ревизија до преку 943 засегнати страни и постави на својата веб страница образец „Барање за ревизија“, како и информација за доставување на барања/предлози на Фејсбук страната.

Заклучно со денот на изготвување на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година, пристигнати се вкупно 36 барања, од кои во најголем дел се барања доставени од ЕЛС (36%), институции (25%) и анонимно (22%). Од пристигнатите барања, во рамки на подготвувањето на Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година прифатени се 13 барања, што претставува 36% од вкупно утврдените ревизии.

 

Линк до Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година