dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Улогата на ДЗР во борбата против корупцијата

23.12.2022
Слика
Панел дискусија борба против корупцијата

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, учествуваше на панел дискусија на тема Сметководствената и ревизорската професија против корупцијата и измамите, во организација на Катедрата за сметководство и ревизија на Економски факултет при Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје во соработка со Институтот на овластени ревизори на РСМ (ИОРРСМ).

Во своето излагање на тема Улогата на институциите во борбата против корупцијата, Главниот државен ревизор ја истакна улогата на Државниот завод за ревизија во борбата против корупцијата, придонесот на државната ревизија во зајакнувањето на системите за финансиско управување на јавните институции и ефективното мерење на резултатите, со цел создавање на превентивно опкружување во борбата против корупцијата и другите видови на погрешно постапување.

Државниот завод за ревизија дава големо значење на својата транспарентност, отчетност и информативна улога, преку навремено и јавно објавување на ревизорските извештаи и нивно споделување со голем број на надворешни засегнати страни (мејлинг листа од 943 засегнати страни), со цел подигнување и зајакнување на јавната свест за незаконски постапувања. Во таа насока од извршениот мониторинг за 2022 година од Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, ДЗР е оценет како институција со високо ниво на транспарентност која се наоѓа на 13-то место од вкупно 120 институции предмет на истражување.

Исто така, се настојува и на постојано подобрување на методологијата за идентификување и борба против неправилностите насочувајќи го својот фокус воедно и кон обука на своите вработени, за зголемување на нивните вештини, знаења и способности за идентификување и проценка на потенцијални неправилности. Во тек е процесот на сертификација на меѓународните стандарди ISO 37001 Меѓународен стандард за воспоставен систем за борба против корупција, ISO 27001 Систем за управување со безбедност на информации, ISO 9001 Меѓународен стандард за системите за управување со квалитет.

Главниот државен ревизор ја истакна исто така и соработката со надлежните институции и нивното делување во насока на чување на јавните средства и заштита на интересите на граѓаните, а со тоа и поголема доверба во јавните институции.

На панел дискусијата свое учество имаа и претставници од Економскиот факултет, Управата за јавни приходи и Државна комисија за спречување на корупцијата.