dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Дали владините политики се ефективни за животната средина

13.12.2022
Слика
Даноци за животна средина

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
   -Соопштение за медиуми-

Скопје, 13.12.2022

sdg      sdgs                                                                                                                                     

 

 

Дали владините политики се ефективни за унапредување на квалитетот на животната средина

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема ”Даноците за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина”, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година.

Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на ревизорските техники и ревизорската методологија, даваат основа ревизорите да го изразат следниот заклучок:

Стекнато е разумно уверување, дека стратешката и нормативна рамка, усогласеноста на националното со ЕУ законодавството за животна средина, воведување на начелото “загадувачот плаќа“, воведување на надоместоците за животна средина и инвестиционите вложувања по одделни области обезбедуваат одреден напредок во однос на спроведувањето на политиките, но истиот е недоволен за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства.

Согласно воспоставената статистика даноците за животна средина се класифицирани во четири категории и тоа: даноци за загадување, даноци за искористување на ресурси, енергетски даноци и транспортни даноци.

Од вкупните даноци за животна средина, со ревизијата се опфатија: даноците за загадување и даноците за искористување на ресурси како и дел од транспортните даноци за животна средина, кои за периодот опфатен со ревизијата од 2019 до 2021 година, изнесуваат 838.142 илјади денари.

Ревизорите утврдиле отсуство на интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво, а администрирањето на надоместоците за животна средина од повеќе институции не овозможува увид од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), надлежно за спроведување на политиката на животната средина.

Со ревизијата е утврдено дека не се почитува принципот „загадувачот плаќа“ при утврдување на висината на надоместоците. Надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот дел на надоместокот за испуштање на води, утврдени се фиксни износи на надоместоците за управување со отпад, надоместоците за поседување на интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, а општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за пресметка на надоместокот за услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека, недостасува единствен информационен систем кој ќе ги содржи информациите и податоците од сите институции вклучени во процесот на пресметка и наплата на надоместоците, редовна институционална комуникација и координација за размена на податоците, а Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) нема законска надлежност за санкционирање на обврзниците кои не го платиле надоместокот, што не овозможува ефективно администрирање на приходите од надоместоците за животна средина.

За периодот од 2020 година до денот на вршење на ревизијата, во Буџетот на РСМ не се остварени приходи по основ на надоместоци за користење и испуштање на води во износ од 101.616 илјади денари, за што се склучени спогодби, а процентот на неприходувана вода на ниво на држава од 60,46% е значајно повисок од земјите на ЕУ (30%).

Поради не издадени/ ненавремено издадени решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана дозвола, ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година, остварени се помалку приходи и во буџетот на МЖСПП, односно, ненаплатени се побарувања од 9.453 илјади денари, а отпишани се 30.273 илјади денари.

 

grafikon 1

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Старосна структура на побарувања

 

Само 37% од општините остваруваат приходи по основ на надоместоци за управување со комунален отпад, средства кои треба да бидат искористени за реализирање на регионалните планови и цели за управување со оваа област.

Централната лабораторија за животна средина не е целосно акредитирана, а поради не воспоставената соработка со МЖСПП, ДИЖС користи услуги од приватни акредитирани лаборатории, кои во исто време вршат мерења и изготвуваат елаборати на загадувачите.

Не може да се обезбеди показател за степенот на искористеност на средствата од надоместоци за животна средина во однос на финансирање на активностите од областа на животната средина.

Во периодот 2019-2021 година, програмите за инвестирање во животната средина имаат реализација од 62,7%, а поради не преземените мерки од договорните страни раскинати се договори за реализација на проекти од Програмата за управување со водите во износ од 6.520 илјади денари.

Средствата од буџетот на МЖСПП не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата, а на локално ниво, планираните средства за заштита на животната средина не обезбедуваат реализација на планските документи и спроведување на активности во приоритетните зони и агломерации.

 

grafikon 2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Државен завод за статистика

Инвестиции во животна средина  (во 000 денари)

 

Поради отсуство на интегриран пристап во начинот на распределба и користење на надоместоците за животна средина, според податоците од Државен завод за статистика, инвестициите и трошоците за заштита на животната средина учествуваат незначително во БДП со 0,6% за 2020 година.

Целта на извршената ревизија е да даде одговор на прашањето: „Дали даноците за животна средина придонесуваат за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства?”

Ревизијата е извршена како пилот ревизија во рамки на твининг проектот со Врховните ревизорски институции на Република Бугарија и Република Хрватска, проект кој е финансиран од средствата на Европската Унија.

 

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири
+389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]