dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Студиска посета во Соединетите Американски Држави

17.11.2022
Слика
Студиска посета во Соединетите Американски Држави

Делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми, во период од 13-17 ноември престојува на студиска посета во Вермонт, Соединети Американски Држави.

Оваа студиска посета се спроведе во организација и со поддршка на Националниот институт за демократија (НДИ), со цел да се унапредат институционалните односи и да се зајакне надзорот над јавните средства од страна на законодавната власт преку соработка со државната ревизија.

На работните средби, делегацијата размени искуства и практики во повеќе области поврзани со односите и соработката помеѓу државната ревизија и законодавната и извршната власт на државно и локално ниво, како и соработката со невладините организации.

За време на студиската посета се остварија средби со претставници на заедничката фискална канцеларија и група законодавци од Долниот дом и Сенатот, претставници од Канцеларијата на Сенаторот Патрик Лихи, Сенаторот Кеша Рам Хинсдејл, заменик гувернерката  Моли Греј. На одржаните средби се разменија искуства во делот на важноста на ревизијата во поддршката на законодавната и извршната власт, начинот на доделување на средства за остварување на ефективни, интегрални и транспарентни буџетски приоритети и програми, како и соработката со невладините граѓански организации, како што е Советот за природни ресурси на Вермонт.

Во рамки на студиската посета, делегацијата оствари средба со државниот ревизор на Вермонт Даг Хофер, на која се разменија искуства за улогата на Канцеларијата на државниот ревизор и воспоставениот систем на државна ревизија во државата. Преку користење на надворешни услуги за спроведување на финансиските ревизии и обезбедена контролна функција на квалитетот на овие извршени ревизии од страна на Канцеларијата на државната ревизија на Вермонт,  поголем дел од активностите на државната ревизија се насочени кон спроведување на ревизии на успешност.

На средбата со Комесарот за финансии и менаџмент Адам Грешин, беа разменети искуства во делот на обезбедување на ефективна буџетска усогласеност, транспарентност и отчетност во однос на финансиското управување на државата.

На состанокот со Канцеларијата за одговорност на Владата (ГАО) се обезбедија информации за улогата на ГАО, надлежностите, начините на спроведување на ревизиите, особено во однос на истраги за измами и корупција и ревизии на успешност како и односот со Конгресот на САД. 

Со цел да се стекнат искуства во однос на улогата на локалната власт и соработката со државната ревизија делегацијата на ДЗР се сретна и со претставници на градот Берлингтон и со Националната гарда на Вермонт, со оглед на односот воспоставен  преку Програмата за државно партнерство на САД.

Државниот завод за ревизија ќе ја продлабочи соработката со Националниот демократки институт како активност која е предвидена и во неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу ДЗР и Собранието на РСМ.