dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Доделени 75,5 милиони евра државна помош

27.10.2022
Слика
Индустриски зони

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми-

Скопје, 27.10.2022 година

Доделени 75,5 милиони евра државна помош

Во периодот од 2017 до 2021 година, Дирекцијата за ТИРЗ има доделено државна помош во вкупен износ од 75,5 милиони евра, од кои директно исплатените средства од Буџетот на РСМ се 37,5 милиони евра, а даночните и царинските ослободувања се во износ од 38 милиони евра

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Развојот и работењето на технолошко индустриските развојни зони“ со која опфати прашања поврзани со условите, начинот и постапката за основање, развој, работење и вршење на дејностите на ТИРЗ, анализа на погодностите за инвестирање во РСМ како и надлежностите и начинот на работење на Дирекцијата, која во име на Владата на РСМ управува со зоните.

Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) се формирани за да се создадат услови за инвестирања од страна на домашни или странски, физички или правни лица кои треба да придонесат за развој на современи технологии со воведување на економски профитабилно производство и ефикасна употреба на ресурсите, како и примена на највисоки еколошки стандарди. Мисијата на Дирекцијата за ТИРЗ е РСМ да прерасне во меѓународен бизнис центар во Југоисточна Европа со висококвалитетна понуда на инфраструктура во ТИРЗ и квалитетна услуга, со цел да се постигне рамномерен регионален развој во државата.

Владата на РСМ има основано 14 (четиринаесет) ТИРЗ. Во периодот на вршење на ревизијата 8 (осум) ТИРЗ се во функција, од кои за ТИРЗ во Тетово е склучен договор за Јавно приватно партнерство (ЈПП). Неоперативни се 5 (пет) ТИРЗ, една ТИРЗ - Ранковце е отуѓена, а започнати се активности за основање на 3 (три) нови ТИРЗ. Врз основа на Законот за индустриски – зелени зони, Владата на РСМ има основано 3 (три) Индустриски зони (ИЗ) од кои оперативна е ИЗ Косел.

Ревизијата истакнува дека странските инвестиции во ТИРЗ имаат позитивно влијание за стопанството во РСМ и тоа преку воведување на нови производства и бизниси кои можат да привлечат и други компании во ТИРЗ, намалување на невработеноста, пренесување на знаење за нови технологии во производството и корпоративното управување, промоција на извозот на национално ниво, зголемување на трговијата и профитот кај домашните компании, создавање потенцијал за брзо преструктуирање на индустриите во регионот и трансформирање на економијата во извозник на стоки и услуги.

Привлекувањето на странските инвестиции во РСМ е уредено со повеќе закони[1] и подзаконски акти, а надлежностите се распоредени во неколку државни органи: Владата на РСМ, Дирекцијата за ТИРЗ, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во РСМ, Комисијата за заштита на конкуренцијата и општините.

Доделувањето на државната помош е регулирано со комплексната законска регулатива, при што со ревизијата е констатирано дека одредени правни одредби не се прецизни, не се донесени подзаконски акти, а распределените надлежности во неколку државни органи, ја отежнуваат контролата и координацијата и не овозможува целосен увид во вкупно доделената државна помош по корисник во државата.

Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата на РСМ во периодот од 2017 до 2022 година, констатиравме дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети на Владата на РСМ и за истото не е донесена Стратегија за привлекување на странски инвестиции, како што предвидува Законот за Владата на РСМ.

Државната помош се доделува како шема за помош или индивидуална помош за која е потребно одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во периодот од 2017 до 2021 година, Дирекцијата има доделено државна помош во вкупен износ од 4.641.728 илјади денари (75,5 милиони евра), од кои директно исплатените средства од Буџетот на РСМ изнесуваат 2.307.196 илјади денари (37,5 милиони евра), а даночните и царинските ослободувања се во износ од 2.334.532 илјади денари (38 милиони евра). Само во 2021 година, вкупниот износ на доделената државна помош изнесува 1.504.576 илјади денари (24,5 милиони евра), од кои директно исплатени средства од Буџетот на РСМ се 731.842 илјади денари (11,9 милион евра), а доделените даночни и царински ослободувања изнесуваат 772.734 илјади денари (12,6 милиони евра).

Графикон 1

Исплатена државна помош во периодот 2017 – 2021 година

Во извештајот е констатирано дека со Законот за контрола на државната помош како и донесените уредби од страна на Владата на РСМ не се утврдени поблиски и транспарентни критериуми за определување на висина на индивидуалната помош (број на странски инвестиции, број на вработени, извршени инвестициски вложувања и слични критериуми), при што државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, а со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.

Инфраструктурните инвестиции во зоните се во надлежност на Дирекцијата, која согласно Законот за градење, има добиени одобренија за градење за целата зона како функционална целина. ТИРЗ и ИЗ се основани на земјиште во сопственост на РСМ со вкупна површина од 847 ha, од кои 512 ha се корисна површина (парцели за издавање на  корисниците), а под долгорочен закуп се издадени 153 ha или 30% од вкупната корисна површина.

Графикон 2

Инвестициски вложувања во ТИРЗ и ИЗ

Извршените инвестициски вложувања од страна на Дирекцијата во сите зони во РСМ со состојба на 31.12.2021 година се проценети во вкупен износ од 6.152.930 илјади денари (околу 100 милиони евра).

Констатирано е дека Дирекцијата од надлежното министерство добива одобрение за употреба откако ќе биде изградена целата зона, поради што за изградените поединечни делови не може да се направи технички прием и да се добие одобрение за употреба. Оваа состојба предизвикала дел од реализираните инвестициски проекти во зоните, во периодот 2007 до 2021 година, во деловните книги на Дирекцијата, да имаат статус на материјални средства во подготовка иако истите се употребуваат. Нивната проценета вредност на крајот на 2021 година изнесува 2.677.763 илјади денари што претставува 43,50% од вкупните извршени вложувања на Дирекцијата во зоните.

Како резултат на не донесени стратешки и програмски документи, на површина од 153 ha или на 30% од вкупната корисна површина во периодот од 2012 до 2021 година од страна на Владата на РСМ основани се зони кои не се ставени во функција и не се оперативни и во кои од страна на буџетот на Дирекцијата се вложени средства за основната внатрешна инфраструктура и експропријацијата на земјиштето во вкупен износ од 393.686 илјади денари или 6% од вкупните инвестиции. Најголемите инвестициски вложувања во нефункционални зони се извршени во Гевгелија, Делчево и Кратово.

Врз основа на Одлука од Владата на РСМ со ЈПП основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот за ЈПП со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива  е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот. Со  договорот за ЈПП, јавниот партнер е обврзан да обезбеди стручна единица за управување со проектот во целото времетраење на договорот која истовремено има својство на претставник на јавниот партнер и контакт тело за приватниот партнер.

Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица, при што истите немаат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП, ниту се членови во наведената стручна единица, чија задача е да врши надзор и да помага во обезбедувањето на успешна имплементација на проектот. Овие состојби влијаат на законитоста и регуларноста на склучувањето на договорот за ЈПП и следење на неговата реализација.

Во 2015 година, врз основа на донесена Одлука за започнување на постапка за отуѓување на градежно земјиште од Владата на РСМ, склучен е договор за отуѓување на градежно земјиште на ТИРЗ Ранковце.  Со договорот било предвидено градење на целокупната внатрешна инфраструктура во рамките на зоната , во рок не подолг од 92 (деведесет и два) месеци од солемнизацијата на договорот и реализација на минимум 2.000 нови вработувања. Поради не започнатата изградба во предвидениот рок, со Решение од март 2019 година Одобрението за градба во ТИРЗ Ранковце е прогласено за ништовно со што одредбите од договорот не се реализирани. Со ревизијата констатиравме дека кај  купувачот/инвеститорот се направени поголем број на статусни измени, а меѓу другото променет е називот на фирмата. Во април 2021 година врз фирмата e отворена стечајна постапка и истата не располага со имот за наплата на договорните казни предвидени со договорот.

Ова состојба укажува дека купувачот ги нема исполнето одредбите од договорот, поради што не се постигнати целите кои треба да придонесат за зголемување на инвестициите и вработувањата во РСМ во тој регион, како и неизвесност и неможност на наплата на договорна казна предвидена во договорот за отуѓување на градежно земјиште.

ТИРЗ Ранковце е единствен случај каде врз основа на промена на законската регулатива, извршено е отуѓување на земјиштето, додека кај останатите ТИРЗ во државата, земјиштето се дава под долгорочен закуп.

Директорот на Дирекцијата нема назначени овластени лица од редот на вработените кои би вршеле надзор над ТИРЗ и над корисниците, како што е предвидено во Законот за ТИРЗ што може да влијае на ненавремена контрола,  откривање и спречување во случај на незаконско работење на корисниците и го зголемува ризикот од работењето на корисниците особено во делот на вршењето на дејностите во зоните кои се забранети  и кои можат да се проверат исклучиво со увид на лице место.

Согласно регулативата основачот на зоната е должен да го загради, уреди и означи просторот на зоната и да обезбеди без надоместок простории потребни за работа на царинскиот орган. Констатиравме дека единствено во ТИРЗ Скопје 1, Царинската управа има воспоставен царински надзор со отворена Царинска испостава, а во останатите зони како и зоната основана со ЈПП во Тетово користат услуги од најблиската царинска испостава која вообичаено е лоцирана во најблискиот град, односно во самите зони не е воспоставен царински надзор.

Со ревизијата се истакнува дека е зголемен ризикот од можни грешки и злоупотреби при царинскиот надзор, особено имајќи ја во предвид оддалеченоста на некои од царинските испостави во РСМ од зоните, а притоа имајќи го во предвид фактот дека бројот на корисниците во 2022 година е зголемен, а со тоа и прометот на стоки кои влегуваат и излегуваат од зоните кои се ослободени од ДДВ при увоз на земјата како и царинските давачки.

Со ревизијата констатирано е дека Дирекцијата ангажира лица по договор за дело  кој број низ годините се менувал. Во периодот на вршење на ревизијата, активни се 72 договори за дело, односно бројот на ангажирани лица по договор за дело е речиси еднаков со бројот на редовно вработените лица (85), а половина од договорите се склучени со лица кои подолго од 24 месеци биле ангажирани од Дирекцијата. Оваа состојба претставува ризик за континуираното и квалитетно извршување на работните задачи поради времениот карактер на нивното ангажирање.

Grafikon 3

Истата е спроведена како пилот ревизија во рамките на Твининг проект со врховните ревизорски институции на Република Бугарија и Република Хрватска, финансиран со средства од ЕУ.

Ревизијата го опфати периодот од 2015 до 2021 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
[email protected]

Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]

[1] Закон за технолошко индустриски развојни зони, Закон за контрола на државната помош, Закон за индустриски – зелени зони, Закон за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ и Законот за финансиска поддршка на инвестиции