dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Продлабочување на соработката со Националниот завод за ревизија

13.10.2022
Слика
Продлабочување на соработката со Националниот завод за ревизија

Врховните ревизорски институции на Република Северна Македонија и Република Бугарија ја исполнија својата мисија да бидат прв и исклучително успешен пример за сите други институции за тоа како може да се постигне плодна соработка преку размена на професионалното искуство и знаења.

Ова е заклучокот од одржаната средба во Софија, на која делегациите на двете ВРИ предводени од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и претседателот на Националниот завод за ревизија г. Цветан Цветков разговараа за постигнатите резултати и успешно спроведени активности во рамки на твининг проектот.

На средбата присуствуваше и амбасадорот на Република Северна Македонија во Бугарија, Н.Е. Агнеса Руси Поповска и Вања Андреева-Малакова - директор на Дирекцијата на „Југоисточна Европа“ во бугарското Министерство за надворешни работи.

Главните државни ревизори г. Максим Ацевски и г. Цветан Цветков изразија задоволство од постигнатите резултати во рамки на твининг проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарната контрола“, притоа истакнувајќи дека постигнатиот успех е резултат на максималната отвореност, чесност и искреност на колегите од двете ВРИ во споделувањето на знаења и предизвици во секојдневното работење. Во сите 4 компоненти од проектот се постигнати успешни резултати и нови производи, особено во делот на законската рамка, методологијата, ревизорската активност, соработката со парламентот и комуникацијата со заинтересираните страни.

Првите луѓе на ревизорските институции на Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишаа договор за соработка како природно продолжување на постигнатото и одраз на долгогодишната соработка меѓу двете ВРИ. Главните форми на соработка ќе бидат размена на искуства, организирање на активности за прашања од заемен интерес, вклучувајќи консултации, семинари, тркалезни маси, конференции за главните проблеми и предизвици во вршењето на државната ревизија, а е планирано да се спроведат и паралелни, координирани и заеднички ревизии.

Претставниците на двете институции остварија средба и со премиерот на Република Бугарија г. Галаб Донев на која го запознаа  со главните цели на проектот, постигнатите резултати, како и можностите за продолжување на соработката меѓу двете ВРИ во рамките на веќе потпишаниот договор.

Линк до Договор за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Националната канцеларија за ревизија на Република Бугарија:

 https://dzr.mk/sites/default/files/2022-10/Dogovor_sorabotka_DZR_Nacion…