dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Панел дискусија за услугите на општините за време на пандемијата

07.10.2022
Слика
Панел дискусија на тема ЕЛС

Државниот завод за ревизија во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD), денес одржа панел дискусија на тема “Сопствените приходи на општините за обезбедување на квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата”.

Овој настан e плод на склучениот Меморандум за разбирање и успешната соработка на Државниот завод за ревизија и Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) во државата.

Дискусијата на ова панел дискусија главно беше фокусирана на презентирање на информациите добиени од извршеното истражување на јавното мислење за квалитетот на услугите на општините во услови на пандемија, како и размена на мислења и информации поврзани со ефикасното работењето на општините во услови на пандемија и обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.

Свои излагања имаа г-ѓа Марина Блажевска, Помошник на Главниот државен ревизор на тема Сопствените приходи на општините за обезбедување на квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата, г-ѓа Ивана Ивановиќ и г-ѓа Јелена Ќетковиќ Јанева од Тим Институтот со анализа на истражувањето на јавното мислење во однос на задоволството на граѓаните од квалитетот на услугите на општините за време на пандемијата и г. Борче Треновски,  професор на Економски факултет во Скопје со свое видување на тема Сопствените приходи и финансирањето на општините во услови на пандемија.

Во оваа прилика, Главниот државен ревизор г. Максим Ацевски, порача дека општините морат одговорно и за доброто на граѓаните да преземаат дополнителни активности за зголемување на квалитетот на услугите кои ги нудат.

Главниот државен ревизор истакна дека истражувањето укажува на потребата единиците на локална самоуправа да преземат дополнителни мерки и активности за зголемување на квалитетот на услугите во делот на урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина, како и во областите во кои единиците на локалната самоуправа имаат надлежности.

Граѓаните  од општините очекуваат транспарентност, отчетност и одговорно владеење, сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, достапност на услугите и заштита на корисниците.

Присутните се согласија дека соработката помеѓу ДЗР и надлежните институции, како и со граѓанските невладини организации  треба да продолжи и дополнително да се зајакне преку различни форми на соработка.

На овој настан присуствуваше заменик министерот на Министерството за локална самоуправа г. Зоран Димитровски, како и претставници на меѓународни и домашни организации, на државни институции, на амбасади и невладини граѓански организации.