dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Предлози за вршење на ревизии за Годишна програма за 2023 година

06.10.2022
Слика
Предлози за вршење на ревизии за Годишна програма за 2023 година

Согласно Законот за државната ревизија и Упатството за стратешко и годишно планирање на ревизиите, Главниот државен ревизор донесува Програма за работа на Државниот завод за ревизија во која се дефинираат ревизорските активности кои треба да бидат реализирани за следната календарска година (2023 година). Истата се доставува до Собранието на РСМ и се објавува на веб страната на ДЗР.

Имено, Државниот завод за ревизија согласно членот 23 од Законот за државната ревизија, задолжително еднаш годишно врши ревизија на Буџетот на Република Северна Македонија и на буџетите на Фондовите во државата.

Во однос на останатите субјекти кои можат да бидат предмет на ревизија, истите се регулирани со членот 22 на овој закон и се врши во рокови кои се утврдени со Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија.

При процесот на изготвување на Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија, се почитуваат критериумите и стратешките определби утврдени  во Стратешкиот план за ревизија на Државниот завод за ревизија за 2021 – 2023 година, стратешките цели на ДЗР, целите на одржлив развој на ОН, критериумите за избор уредени согласно професионалните стандарди на ИНТОСАИ, методологијата за оценка од страна на ОЕЦД- СИГМА и расположливите ресурси за ревизија, а исто така се разгледуваат и предлозите дадени од  страна на засегнати страни како што се:

  • Барања за ревизии од страна на Собранието на РСМ согласно критериумите за годишно планирање на ревизии;
  • Барања за ревизии од надлежните субјекти и граѓански организации и
  • Барања/Предлози произлезени од зголемениот интерес на јавноста.

Барањата/Предлозите кои се произлезени од страна на надворешните засегнати страни можат да бидат прифатени доколку се во согласност со Стратешкиот план за ревизии на ДЗР и расположливите ресурси за предметната година, како и во согласност со постапките за утврдување на ризиците при годишното планирање на ревизиите.

Имајќи во предвид дека Државниот завод за ревизија ги отпочна активностите за подготвување на Годишната програма за работа за 2023 година ги повикуваме и воедно охрабруваме сите засегнати страни да достават свои барања/предлози за субјекти за кои постои зголемен јавен интерес за вршење на државна ревизија и сметаат дека истите треба да бидат опфатени со Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година.

 Одговорното, отчетното и транспарентното работење се темелните вредности за кои во континуитет се бори и заложува Државниот завод за ревизија, како Врховна ревизорска институција во државата.

Барањата/Предлозите можат да се достават во хартиена форма до Државниот завод за ревизија (ул. Павел Шатев бр. 2, Палата „Емануел Чучков“) или пак електронски на веб страната на ДЗР ( https://dzr.mk/contact/barane_za_revizija ), најдоцна до 15 ноември 2022 година.