dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Ефективност на мерките на Владата за родова еднаквост

11.07.2022
Слика
Ефективност на мерките на Владата за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
Соопштение за медиуми -

Скопје, 11.07.2022 година

 

Ефективност на мерките на Владата за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи

 

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за да обезбедат ефективно воспоставување на концептот на еднаквите можности на жените и мажите во процесите на креирање и спроведување на политиките

UN-Booklet Global Goals MK-page-014Целта на воведување на концептот на родова еднаквост на жените и мажите во сите институции е намалување на јазот помеѓу жените и мажите во сите делови на општеството, кој треба да се потпира на најдобрите национални и меѓународни практики, бидејќи родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество и обврска за државата која произлегува од Агендата за одржлив развој 2020 – 2030.

Во насока на обезбедување на потребни информации и податоци за тоа дали активностите кои се преземаат од надлежните институции на централно ниво обезбедуваат услови за унапредување на родовата еднаквост, извршена е ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките на Владата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи“, за период од 2018 до 2020 година, а дадени се состојби и настани и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

Ревизијата на успешност е спроведена со цел да даде оценка за состојбата со родовата еднаквост во државата и институциите во РСМ и да даде придонес во зголемување на ефективноста на процесот на воведување на родовата еднаквост, преку утврдување на одредени слабости/недоречености во законската и подзаконската регулатива, надлежноста, финансирањето, кадровската екипираност, комуникацијата и соработката на институциите надлежни за воспоставување на родова еднаквост во РСМ, следење на степенот на реализација на целите и мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции за подобрување на состојбите во областа предмет на ревизија.

Состојба на населението[1] по пол:

Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да биде даден следниот заклучок:

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за да обезбедат ефективно воспоставување на концептот на еднаквите можности на жените и мажите во процесите на креирање и спроведување на политиките, следење на постигнувањето на целите на родово одговорно буџетирање во сите фази од циклусот на креирање политики: откривање и проценка на проблемот, буџетирање, спроведување, следење и евалуација и остварување на целите на Агендата за одржлив развој 2020 – 2030.

Од надлежните институции во РСМ на национално ниво не се целосно спроведени мерките и активностите кои се планирани и поставени со донесената тековна Стратегија за родова еднаквост, Националните планови за акција и Оперативните планови и поради отсуство на мерливи индикатори не може целосно да се следи напредокот на остварените резултати и исполнетоста на специфичните цели. Не е донесена ниту Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026 година од страна на Собранието на РСМ.

Ревизорите утврдиле и недоволна координација и комуникација помеѓу надлежните институции, недостиг на финансиски средства за спроведување и имплементација на процесот на родова еднаквост и родово одговорно буџетирање.

На институционално ниво потребно е преземање на активности за подигнување на свеста за значењето на родовата еднаквост на раководните лица во институциите, подобрување на кадровската екипираност за спроведување на процесот на родова еднаквост, како и континуирано стручно усовршување на вработените во институциите за родова еднаквост.

Исто така, не се прецизно утврдени ниту активностите, начинот на кој треба да се спроведат и не се создадени целосни услови за спроведување на процесот на родово одговорно буџетирање во сите фази кој опфаќа проценка на проблемот, буџетирање, спроведување, следење и евалуација од страна на надлежните институции во државата.

Во Законот за буџетите не е уреден концептот на родово одговорно буџетирање и не се усогласени останатите закони во делот на родовата еднаквост што придонесува за ненавремено и целосно исполнување на родовите цели. Во програмите предвидени со родово буџетските изјави не се поставени соодветни мерливи индикатори и не е извршено сублимирање на постигнатите резултати и прогресот со цел донесување на одлуки за понатамошниот тек на програмите. Констатиравме отсуство на систематизирани работните места координатор за родова еднаквост во министерствата и поголемите органи на државна управа со што не се обезбедува континуитет во спроведување на процесот на родовата еднаквост и родово одговорно буџетирање.

Ревизорите ја истакнуваат потребата од зајакнување на улогата на комисијата за еднакви можности на жените и мажите, вршење на проценка на влијание на регулативата врз жените и мажите и спроведувањето на пост законодавен надзор.

Наведената состојба има влијание врз ефективноста на спроведувањето на процесот на родова еднаквост и врз бавната динамика во имплементацијата на родово одговорно буџетирање од органите на државната управа на централно ниво, кој има за цел да осигура дека предвидените и алоцирани средства еднакво ги земаат предвид и одговараат на потребите, интересите, приоритетите и на жените и на мажите.

Со реализацијата на потребните активности во областа која е предмет на ревизија ќе се придонесе за подобрување на родовата еднаквост во РСМ, а со тоа и на целокупниот процес на родова еднаквост во РСМ. Активностите на ревизијата на успешност имаат за цел да помогнат во иднина надлежните институции да се фокусираат на исполнување на поставените постулати за подобрување на состојбите со родовата еднаквост во РСМ.

Со ревизијата на успешност беа опфатени: Влада на РСМ - Генерален секретаријат на Владата на РСМ; Собрание на РСМ; Министерство за труд и социјална политика; Министерство за одбрана; МФ; Министерство за надворешни работи; МЖСПП; МЕ; МЗШВ и Агенција за млади и спорт, а за состојбата и преземените мерки за унапредување на еднаквото учество на жените и мажите во политичките партии беа доставени прашалници до шест политички партии.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]

 

[1] Попис на населението, домаќинствата и становите во РСМ во 2021 година има 1.836.713 жители.