dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР ќе соработува со Канцеларијата на Главниот ревизор на Норвешка

16.06.2022
Слика
Средба на ГДР м-р Максим Ацевски и Главниот ревизор на Норвешка Карл Еирик Шот - Педерсен

Во насока на воспоставување на институционална соработка од заеднички интерес меѓу двете институции, Главниот државен ревизор г. Максим Ацевски и Главниот ревизор на Норвешка г. Карл Еирик Шот-Педерсен потпишаа Меморандум за разбирање.

По повод потпишувањето на Меморандумот за разбирање и посетата на Главниот државен ревизор, Неговата Екселенција Амбасадорот на Северна Македонија во Норвешка, г-дин Серџим Мухамед, приреди прием во Амбасадата на Република Северна Македонија во Осло.

Во рамки на посетата се одржа и состанок со г. Ејнар Горисен, генерален директор на Иницијативата за развој на ИНТОСАИ (ИДИ) и неговите соработници, за разгледување на можностите за понатамошна соработка и поддршка на потребите за професионален развој на Државниот завод за ревизија.

Со потпишување на Меморандумот за разбирање со Канцеларијата на Главниот ревизор на Норвешка се воспоставува петгодишна соработка за обезбедување помош за развој на институционалните капацитети на Државниот завод за ревизија, врз основа на принципите и стандардите за професионализација на Меѓународната организација на врховни ревизорски институции (ИНТОСАИ) и Европската организација на врховни ревизорски институции (ЕУРОСАИ).

Целта на соработката е зајакнување на капацитетите на ДЗР за исполнување на својот мандат и за вршење висококвалитетни ревизии со што ќе се промовира транспарентноста, отчетноста и доброто владеење во управувањето со јавните средства во Република Северна Македонија.

Соработката ќе опфати различни сектори и видови ревизии каде што Канцеларијата на Главниот ревизор на Норвешка има релевантни капацитети и може да додаде вредност на работата на ДЗР. Соработката може да вклучува поддршка за активности за обука, развој на материјали, професионален дијалог и совети и заеднички ревизии.

На оваа дводневна посета, се разменија искуства и практики со осврт на ревизијата на успешност и можностите за спроведување на кооперативни ревизии од особен јавен интерес, воспоставување на лабораторија за иновации за изнаоѓање на методи и  софтверски алатки за прибирање, анализа и презентирање на податоци во ревизиите, модернизација на работните процеси преку подобрување и поврзување на дигиталните системи за поддршка и управување со процесите и развој на ИТ ревизијата.

Во наредниот период ќе се утврдат активностите за понатамошна соработка меѓу двете институции во насока на имплементација на потпишаниот Меморандум за разбирање. 

 

Линк до Меморандумот за соработка:

https://dzr.mk/sites/default/files/2022-06/Memorandum_understanding_SAO…