dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

За шесте пакети економски мерки реализирани 427 милиони евра

29.04.2022
Слика
Владини мерки против Covid - 19


ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми -

Скопје, 29.04.2022 година

 

За шесте пакети на економски мерки на Владата планирани 576, а реализирани 427 милиони евра за ублажување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19

 

Отсуство на интегриран систем на евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка, намалена транспарентност и отчетност во спроведувањето на економските мерки, неможност да се следат целосно ефектите за ефикасно заздравување на домашната економија, клучни утврдени состојби во реализацијата, мониторингот и ефикасноста на економските владини мерки

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема “Економски мерки на Владата на РСМ за справување со кризата предизвикана од вирусот Ковид-19“, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година.

Целта на извршената ревизија e да се даде одговор на прашањето „Дали е обезбеден ефикасен систем на планирање, реализација, мониторинг и известување за економските мерки донесени од државата за справување со последиците од Kовид-19 “.

Заради заштита и справување со последици од ширењето на корона вирусот Ковид -19, на територијата на државата беше прогласена вонредна состојба која траеше во период од 18 март до 22 јуни 2020 година.

Со прогласувањето на вонредната состојба и се до нејзино завршување, Владата на РСМ доби овластувања и донесе 250 Уредби со законска сила. Ревизијата констатира дека 43% од вкупно донесените Уредби со законска сила, се однесуваат на изменување и дополнување на веќе постоечките, што се должеше на неизвесната динамика во развојот на пандемијата, но и показател дека носењето на Уредбите е вршено без сеопфатно планирање, анализа и оцена.

 

Графикон 1


Во однос на процесот на планирање на економските мерки за справување со кризата и последиците од вирусот Ковид-19, ревизорите утврдиле дека одлуките за стратешките приоритети на Владата на РСМ за 2021 и 2022 година, помеѓу кои и стратешкиот приоритет „Справување со светската пандемија предизвикана од Корона вирусот COVID 19“, се општи, без наведување на конкретни економски аспекти за справување со последиците од економската кризата, без приоритетни цели за нивна реализација, како и отсуство на  долгорочен стратешки документ за справување со здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата.

За ублажување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, Владата на РСМ во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година донесе шест пакети на економски мерки, со кои се опфатени и поддржани деловните субјекти од јавниот и приватниот сектор и граѓаните, поделени во три групи:

  • мерки кои предизвикуваат намалени буџетски приходи;
  • мерки кои имаат економско влијание, а немаат фискални импликации врз Буџетот на РСМ и
  • мерки кои предизвикуваат расходи, односно имаат директни фискални импликации врз Буџетот на РСМ, во вкупен износ од 35.409.940 илјади денари односно околу 576 милиони евра од кои заклучно со 29.10.2021 година реализирани се средства во вкупен износ од 24.948.428 илјади денари, односно приближно 427 милиони евра.

Со извршената категоризација на донесените економски мерки по нивната сродност, согласно извештајот за првите четири пакети и доставените податоци од надлежните органи за петтиот и шестиот пакет економски мерки, со извршената ревизија се утврди дека најголем дел од реализираните средства се однесуваат на финансиска поддршка за исплата на плата, доделени средства за поддршка во развој и закрепнување на стопанството, средства за здравствениот и социјалниот сектор, итн.

 

Графикон 2


Во објавениот конечен ревизорски извештај се наведува дека постои отсуство на информации со кои ќе се потврди дека при планирањето и дизајнот на шесте пакети економски мерки се направени проценки и анализи за потенцијалното влијание и ефикасноста на мерките врз економијата во целост.

Во однос на реализирањето, мониторингот и оценката на ефикасноста од економските мерки за справување со пандемијата, ревизорите констатираат отсуството на интегриран систем на евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка, со што се намалува транспарентноста и отчетноста за спроведувањето на економските мерки, односно неможноста да се следат целосно ефектите и нивниот придонес за стабилизирање и ефикасно заздравување на домашната економија.

Дел од економските мерки на Владата на РСМ кои не предизвикаа расходи во Буџетот на РСМ, насочени за поддршка на компаниите, се бескаматните кредитни линии кои во текот на 2020 и 2021 година се реализираа преку Развојната банка на Северна Македонија. Од планирани 3.473.250 илјади денари, односно 56,5 милиони евра, заклучно со 30.10.2021 година, исплатени се вкупно 2.734.252 илјади денари, односно 44,4 милиони евра.

Покрај високиот степен на реализација, или 79% од финансиската поддршка за деловните субјекти преку одобрени бескаматни кредити за одржување на нивната ликвидност, одобрени на вкупно 4.119 деловни субјекти, (1.957 микро компании, 1.791 мали компании, 75 средни компании, 232 трговци поединци, 61 занаетчии и 3 Приватно здравствени установи), евидентен е мал број на деловни субјекти кои аплицирале за користење на кредити, како и високиот процент на одбиени барања.

Имено, од вкупно 5.277 деловни субјекти во државата кои покажале интерес за аплицирање за бескаматни кредити, 1.144 барања се одбиени, што укажува дека обемот на планирани средства, изборот на дејности погодени од пандемијата, како и невоедначените критериуми за одобрување во сите кредитни линии креирани од надлежните државни органи, не создаваат подеднакви можности за „заздравување“ од последиците на Ковид-19 кај деловните субјекти во државата и имаат влијание врз успешноста на мерките во однос на опфатот и бројот на корисници на бес каматни кредитни линии.

Воедно на ревизијата не и беше доставена анализа врз основа на кои параметри Владата на РСМ утврдила дека одредени сектори се најпогодени од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Во рамки на владината Програма П1 во месец ноември и декември 2020 година, Влада на РСМ донесе Одлуки за одобрување на средства од Буџетот на РСМ за 2020 година, како дополнување на четвртиот пакет економски мерки за справување со кризата, за што преку Генерален секретаријат на Владата на РСМ се исплатени средства во вкупен износ од 1.049.705 илјади денари, односно над 17 милиони евра, од кои 87% се финансиска поддршка за државниот сектор (јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, единици на локална самоуправа), додека 13% се финансиска помош за приватниот сектор.

Со извршениот увид во Одлуките и доставената финансиска документација, ревизорите констатираа недоволна транспарентност при доделувањето на средствата за финансиска поддршка, распределба без утврдени критериуми за изборот на институции и општини, без критериуми за износот на одобрените средства, не утврдени намени за кои треба да се искористат средствата, како и неизвршени контроли.

Дел од институциите доделените средства во износ од 67.780 илјади денари, ги искористиле за исплата на плата за вработените, без законски основ. Исто така основот за доделување на дел од средствата од програмата П1 не соодветствува со основната цел на финансиска поддршка и се доделени за: реконструкција на Универзална сала, набавка на механизација и товарни возила, подмирување на обврски настанати пред периодот на прогласување на пандемијата.

Во месец мај 2021 година, Владата на РСМ објавила јавни повици за доделување на финансиска поддршка на деловни субјекти од одделни дејности (лиценцирани туристички агенции, оператори и агенции од индустријата за организација на настани, ресторани за свадби, угостителите регистрирани со конкретно наведена шифри на приоритетна дејност, фотографски студија и фитнес центри, ноќни клубови, игротеки и детски одморалишта), со цел закрепнување на економијата и излез од економската криза. За ова намена исплатени се средства во износ од 499.507 илјади денари, односно над 8 милиони евра.

Со увид во јавните повици и донесените Одлуки, ревизорите утврдиле дека не е предвиден начин на известување од страна на корисниците за исполнување на условите за користење на финансиската поддршка, не е предвиден механизам за контрола и мониторинг од страна на Владата на РСМ и не се предвидени средства за обезбедување на доделената финансиска поддршка со цел нивно активирање и наплата на средствата во случај на неисполнување на утврдените услови и неизвршен поврат од страна на корисниците.

Третиот сет на економски мерки донесени од Владата на РСМ во мај 2020 година содржи Мерка за поддршка на приватниот сектор за нови пазари, конкурентност и модернизација, со планирани средства во вкупен износ од 1.200.000 илјади денари, односно 19,5 милиони евра. Со извршениот увид во целокупната документација, ревизијата ги утврди следните состојби:

  • Уредбата и јавниот повик не содржат одредби со кои се дава можност деловните субјекти чии пријави биле одбиени (кои преставуваат 49% од вкупниот број субјекти кои поднеле барање), да можат правото за добивање на финансиска поддршка да го остварат и по пат на приговор/жалба/тужба, како и да бидат известени за причините поради кои нивните барања се одбиени
  • со Уредбата не се пропишани прекршочни одредби со утврдени глоби (казни) за деловниот субјект кој не ги искористил средствата за намената согласно инвестицискиот план за кој е одобрена поддршката,
  • заклучно со 31.10.2021 година, 69% од деловните субјекти на кои им е доделена финансиска поддршка не ја испочитувале пропишаната законска обврска и до Генералниот секретаријат немаат доставено Извештај за текот на реализацијата на проектот.

По нацрт извештајот на Овластениот државен ревизор преземени се активности и спроведена е контрола на процесот на имплементација на инвестициските проекти и на извештаите кај деловните субјекти при што е утврдено дека 130  (сто и триесет) деловни субјекти, или 33% од вкупниот број на корисници на финансиска поддршка, заклучно со 31.12.2021 година не завршиле минимум 80% од инвестицијата, поради што:

  • 16 (шеснаесет) деловни субјекти извршиле поврат на доделените средства во Буџетот на РСМ во вкупен износ од 24.825 илјади денари (околу 400 илјади евра); и
  • за 114 (сто и четиринаесет) деловни субјекти отпочнати се активности за активирање на мениците и меничните изјави во форма на нотарски акт со извршна клаузула со што во Буџетот на РСМ ќе се изврши поврат на средства во вкупен износ од 238.684 илјади денари (околу 3,8 милиони евра).

За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции ревизорите дадоа препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија и се во функција на подобрување на реализацијата на надлежните институции во државата, со цел да се обезбеди додадена вредност во насока на зајакнување и создавање на ефикасен систем на планирање, реализација, известување и мониторинг, во услови на вонредна или кризна состојба заради непречено справување со последиците од истите врз економијата на државно ниво.

 

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]