dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Потпишан Меморандум за разбирање со УНДП

04.03.2022
Слика
Државниот завод за ревизија и УНДП потпишаа Меморандум за разбирање

Денес, Државниот завод за ревизија и УНДП потпишаа Меморандум за разбирање во кој се дефинираат идните заеднички активности насочени кон изграба на уште поефикасен и поефективен систем за ревизија во државата. Меморандумот, кој го потпишаа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и Главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Максим Ацевски предвидува продлабочување на досегашната соработка во повеќе сегменти од заедничкото работење.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан изрази задоволство од досегашната соработка со Државниот завод за ревизија, нагласувајќи ја клучната улога на ДЗР како институција - чувар на јавните средства.

„Секогаш треба да имаме на ум дека одговорноста при трошењето на јавните пари е основен постулат на демократското владеење. Токму затоа, целта на овој Меморандум за разбирање е да придонесе за зајакнување на заедничките заложби и активности во имплементацијата на Целите за одржлив развој, јакнење на капацитетите на ДЗР, како и зголемување на отчетноста и одговорноста на институциите од јавниот сектор“, рече Григорјан.

Во своето обраќање, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски се осврна на очекувањата од понатамошната соработка која ќе продолжи во насока на промовирање и унапредување на реформата за управување со јавните финансии во областа на државната ревизија, зајакнување и надоградување на капацитетите на државните ревизори во различни области и ефективно управување со системите, како и зајакнување на транспарентноста и отчетноста преку дигитализација на процесите и услугите.

Меморандумот за разбирање дефинира низа активности кои ќе се спроведуваат во наредните две години, како што се: промоција и унапредување на реформата за управувањето со јавните финансии и надворешната ревизија; спроведување ревизии на финансиски извештаи изготвени на пресметковна основа, ревизии за Вредноста на парите (Value for money), ревизии за Целите на одржлив развој и ревизии на единиците на локалната самоуправа; поддршка за институционалните и организациските развојни капацитети во управувањето со животната средина; зајакнување на транспарентноста и отчетноста преку дигитализација на процесите и услугите.