dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Доставена Годишната програма за работа на ДЗР до Собранието

28.12.2021
Слика
Доставена Годишната програма за работа на ДЗР до Собранието

Државниот завод за ревизија согласно член 23 став 2 од Законот за државната ревизија („Службен весник на Република Македонија бр. 66/10, 145/10, 12/14, 43/14, 154/15, 192/15, 27/16, 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/21) до Собранието на Република Северна Македонија ја достави Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2022 година.

Државниот завод за ревизија за 2022 година планира да изврши вкупно 183 ревизии од кои 166 ревизии на регуларност, 12 ревизии на успешност и 5 ревизии на усогласеност. Од вкупно планираните ревизии, 45 ревизии се однесуваат на субјекти и теми за ревизии согласно Законот за државната ревизија, а 138 ревизии се однесуваат на субјектите кои учествуваа во Локалните избори 2021 година.

Неминовно е да се истакне дека Државниот завод за ревизија чувствувајќи ја потребата од зголемување на својата транспарентност, отчетност и одговорност во рамки на подготвување  на Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година достави известување за доставување на барања/предлози за вршење на ревизија до преку 380 засегнати страни и постави на својата веб страница образец „Барање за ревизија“.

Заклучно со денот на изготвување на Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година, пристигнати се вкупно 38 барања за вршење на ревизија, од кои најголем дел се барања доставени од граѓани или 47% и барања од страна на единици на локална самоуправа (ЕЛС) или 21%. Од вкупно пристигнатите барања за вршење на ревизија, Државниот завод за ревизија прифати 15 барања за вршење на ревизија, односно високи 39% од вкупно пристигнатите барања за вршење на ревизија.

Државниот завод за ревизија и во текот на 2022 година согласно своите стратешки определби ќе продолжи со спроведување на обуки за надградување на професионалните и стручни способности на ревизорите и раководниот кадар на институцијата и воспоставување на објективен систем за оцена на степенот на квалитетот при исполнувањето на работните задачи, и за таа цел донесе Годишен план за континуирано професионално усовршување за 2022 година.

Како врховна ревизорска институција, Државниот завод за ревизија донесе Годишен план за спречување на корупцијата за 2022 година. Токму со овој Годишен план се утврдени конкретни мерки и активности кои ќе бидат преземени во насока на спречување на корупција на ниво на самата институција, како и при вршењето на државната ревизија на финансиските извештаи на субјектите на ревизија кои имаат или пак можат да имаат влијание во извршувањето на надлежностите на ДЗР.