dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Неуплатен надоместок за водно право во износ од 22,8 милиони денари од малите хидроелектрани повластени производители

20.12.2021
Слика
Мали хидроелектрани

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

 - Соопштение за медиуми-    

Скопје, 20.12.2021 година

Неуплатен надоместок за водно право во износ од 22,8 милиони денари од малите хидроелектрани повластени производители

Произведената електрична енергија од малите хидроелектрани во 2020 година учествува со 4% во вкупното домашно производство, а на истите во период од 2012 до 2021 година, им се платени 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договори со важност од 20 години, а на товар на крајните корисници

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, за периодот 2012 – 2021 година.

Целта на извршената ревизија e да се оцени дали надлежните институции обезбедуваат законитост во процесот на планирање и доделување концесии, издавање дозволи за водно право, комуникација и размена на информации, како и наплатата на концесиските надоместоци и надоместоците за користење на вода.

Со извршената ревизија е утврдено дека стратешките документи се донесени без направена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и не се исполнети утврдените цели за изградба на големи хидроелектрани. Имено, иако за поголемо искористување на техничкиот хидропотенцијал  со стратегиите е предвидена  изградба на 7 големи хидроелектрани, со кои би се постигнало дополнително учество од над 26% во вкупните потреби за електрична енергија, активностите во досегашниот период главно биле насочени кон изградба нa мали хидроелектрани. Заклучно со 2020 година, во државата се изградени вкупно 117 хидроелектрани, од кои 8 големи хидроелектрани, 13 мали хидроелектрани кои не се повластени производители и 96 мали хидроелектрани со статус на повластени производители.

Постапките за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани за користење на вода за производство на електрична енергија се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина, врз основа на застарени хидролошки податоци. Притоа, ревизорите утврдиле дека поради слабости при планирањето и изборот на локации,  не се склучени договори за концесија за околу 65% од објавените локации од надлежните министерства.

Слабостите при издавањето на дозволите и неефикасната контрола од страна на надлежните институции овозможиле во одредени периоди користење на вода и без обезбедена дозвола за водно право. Надлежното министерство не располага со комплетни податоци за примените барања и издадените дозволи за водно право и не е обезбедена достапност на истите за инспекциските служби.

Во ревизорскиот извештај дополнително се наведува дека, одобрувањето на елаборатите за заштита на животната средина се врши без соодветно утврдување на можното влијание врз животната средина, што доведува до ризик изградбата на мали хидроелектрани да има одредени негативни влијанија врз речните екосистеми и природната биолошка разновидност.

Несоодветното планирање, сложената постапка во повеќе институции и непочитувањето на роковите за постапување од истите придонеле потребната документација за дел од малите хидроелектрани да не биде обезбедена во предвидениот рок и да се пролонгира почетокот со работа или да се раскинат договорите, а со тоа дел од концесионерите да бидат ставени во нееднаква положба.


Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање немаат доволно капацитети и меѓусебна координација за следење на концесиската дејност, во услови кога не е уредено водење регистар на концесии за користење на вода, а од друга страна Државниот инспекторат за животна средина нема доволно водостопански инспектори за да спроведува ефикасен инспекцискиот надзор над хидроелектраните.

Како резултат на тоа ревизијата констатира дека од малите хидроелектрани кои се повластени производители не се уплатени 22,8 милиони денари во Буџетот на РСМ, што претставува 41% од вкупно пресметаниот надоместок. 

За надминување на состојбите ревизијата препорачува:

  • реализација на планираните проекти за изградба на големи хидроелектрани,
  • разгледување на можноста за пазарно прилагодување на повластените тарифи,
  • донесување методологија за определување минимум прифатлив проток на водите,
  • воспоставување регистри на издадените дозволи и доделените концесии и
  • целосна наплата на надоместоците.

Ревизијата дополнително истакнува дека за дел од доделените локации има застој во постапката кој не може да се припише како вина на концесионерот, а дел се опфатени во заштитен појас на Национален парк, поради што постои извесност дека договорите ќе бидат раскинати со можни фискални импликации за Буџетот на РСМ.

Линк до видео-презентација на извештајот:
https://www.youtube.com/watch?v=1WtJIcCM9y8

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]