dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Доставување на барања/предлози за вршење на ревизии

26.10.2021
Слика
Доставување на барања/предлози за вршење на ревизии до Државниот завод за ревизија

Согласно Законот за државната ревизија, Правилникот за начинот на вршење на државната ревизија и Упатството за стратешко и годишно планирање на ревизиите, Главниот државен ревизор донесува Програма за работа на Државниот завод за ревизија во која се дефинираат ревизорските активности кои треба да бидат реализирани за следната календарска година. Истата се доставува до Собранието на РСМ и се објавува на веб страната на ДЗР.

Имено, Државниот завод за ревизија согласно членот 23 од Законот за државната ревизија, задолжително еднаш годишно врши ревизија на Буџетот на Република Северна Македонија и на буџетите на Фондовите во државата. Во однос на останатите субјекти кои можат да бидат предмет на ревизија, истите се регулирани со членот 22 на овој закон и се врши во рокови кои се утврдени со Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија.

При процесот на изготвување на Програма за работа на Државниот завод за ревизија, исто така се разгледуваат и предлозите дадени од  страна на надворешните засегнати страни како што се:

  • Барања за ревизии од страна на Собранието на РСМ согласно критериумите за годишно планирање на ревизии;
  • Барања за ревизии од субјекти (Влада на РСМ, Државна комисија за спречување на корупција, граѓански организации, трети засегнати страни) и
  • Барања/Предлози произлезени од зголемениот интерес на јавноста.

Барањата/Предлозите кои се произлезени од страна на надворешните засегнати страни можат да бидат прифатени доколку се во согласност со Стратешкиот план за ревизии на ДЗР и расположливите ресурси за предметната година, како и во согласност со постапките за утврдување на ризиците при годишното планирање на ревизиите.

За таа цел, Државниот завод за ревизија ги повикува и воедно ги охрабрува сите засегнати надворешни страни да достават свои барања/предлози за субјекти за кои постои зголемен јавен интерес за вршење на државна ревизија.

Одговорното, отчетното и транспарентното работење се темелните вредности за кои во континуитет се заложува Државниот завод за ревизија, како Врховна ревизорска институција во државата.

Барањата/Предлозите можат да се достават во хартиена форма до Државниот завод за ревизија (ул. Павел Шатев бр. 2, Палата „Емануел Чучков“) или пак електронски на веб страната на ДЗР, најдоцна до 10.11.2021 година, на следниот линк:

https://dzr.mk/contact/barane_za_revizija