dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Студиска посета во Република Хрватска

05.10.2021

Делегација од Државниот завод за ревизија предводена од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во рамки на твининг проектот, како дел од активностите на компонента 3 – „Подобрена законодавна контролна функција на Парламентот врз основа на разгледување и дискусија за ревизорските извештаи на ДЗР“ во периодот од 27.09. – 01.10.2021 година, престојуваше на студиска посета во Загреб, Република Хрватска. За таа цел беа поканети и претставници од Собранието на Република Северна Македонија предводени од потпретседателот на Собранието г. Горан Мисовски. 

За време на студиската посета беа остварени средби и разменети искуства со  главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, г. Иван Клешиќ и со претседателот на Комисијата за финансирање и државен буџет, Гроздана Периќ, во врска со начинот на постапување со ревизорските извештаи и Годишниот извештај за работата на ДЗР доставени во Парламентот. 

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија и главниот државен ревизор остварија средба и со потпретседателот на Собранието на Република Хрватска, Жељко Рејнер, на која се разговараше за континуираната билатерална соработка меѓу двете земји и иницијативите за унапредување на соработката во различни области од заеднички интерес. Претставниците на Државниот завод за ревизија исто така имаа можност да го посетат Собранието на Република Хрватска и да остварат средби со Ермина Лекај, Силвано Хреља и Ерик Фабијаниќ, членови на Парламентарната група за пријателство помеѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија.

За време на работните сесии, беа презентирани искуствата на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска во однос на подготовката на ревизорските извештаи и нивно разгледување во Собранието на Република Хрватска. Во дискусиите учесниците истакнаа дека постоењето на формална и институционална рамка на соработка, процесирање на ревизорските извештаи, нивно разгледување и дискутирање во работните тела на Собранието е незаменлива придобивка во јавната контрола и увид во трошењето на јавните средства.