dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Завршна конференција за предизвиците во системот на јавните набавки

29.09.2021
Слика
Главниот државен ревизор како панелист на конференцијата

На ден 23.09.2021 година, главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше на панел дискусија на завршна конференција организирана од Центарот за граѓански комуникации на тема „Потребата и предизвиците во јакнењето на интегритетот во јавните набавки“.

Во своето обраќање, главниот државен ревизор истакна дека во областа на доделувањето на договорите за јавните набавки се суштински два пристапи, превенцијата и репресијата. Во тој контекст, додаде дека ниту еден закон, подзаконски акт или стратегија нема да ги даде очекуваните резултати ако се нема искрена заложба да се поместат работите во насока на обезбедување на соодветна вредност за дадените пари.

Главниот државен ревизор потенцираше дека доколку сакаме да имаме добри постапки за јавни набавки и заштита на средствата на даночните обврзници мора да се запрашаме за начинот на организационата поставеност на секторот за јавни набавки во сите договорни органи, како и за квалитетот на човечките ресурси и степенот на интегритет и независност на членовите кои се дел од комисиите за спроведувањето на јавните набавки.

Како слабост во процесот на доделувањето на договорите за јавни набавки беше наведен податокот дека во единиците на локална самоуправа има можност за доделување на групни јавни набавки, но ваквата можност ретко се применува. Таквото постапување може да придонесе за поголеми ефекти преку обезбедување на професионалци кои можат да подготват соодветна стручна тендерска документација и евалуација на понудите, што пак ќе придонесе за рационализација на трошоците и на човечките ресурси инволвирани за одредени јавни набавки.

Конференцијата се реализираше во рамки на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“, што го спроведуваше Центарот за граѓански комуникации со финансиска поддршка од Кралството на Холандија, а се фокусираше на градење на капацитети за борба против корупција во јавните претпријатија основани од Владата на РСМ, Градот Скопје и општините Гостивар, Кавадарци и Струга.