dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Јавен дијалог за реформите во правосудниот сектор

16.09.2021
Слика
Учесниците на јавниот дијалог на тема реформи во правосудениот сектор

Во организација на Институтот за Европска политика, на ден 15.09.2021 година беше организиран јавен дијалог на тема „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година со Акциски план – до каде сме и што понатаму“.

На настанот, свое излагање имаше и главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски кој се осврна на одредени слабости како во законската регулатива, така и во самото функционирање на правосудниот сектор, истакнувајќи:

„Ако сакате да имате независно судство, мора да бидат обезбедени неопходните финансиски средства, потребните материјално - кадровски ресурси и просторни услови за да може судството да ги даде очекуваните и посакувани резултати“.

Притоа, потенцираше дека доколку се погледнат одредбите од Законот за судски буџет и се стават во корелација со одредбите од Законот за буџетите, евидентна е системска неусогласеност поради тоа што Законот за буџетите не распознава судски буџет. Главниот државен ревизор укажа дека во досегашниот период, средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата, а се наменети за судската власт изнесуваат 0,3%, иако во Законот за судски буџет е предвидено да се издвојуваат средства во износ од 0,8% од БДП.

Во контекст на системот на доделување на договорите за јавните набавки, а кој се однесува на судската и јавно обвинителската власт, се наметна прашањето и дилемата дали воопшто постои потреба секој пооделен суд да се јавува на пазарот и да набавува одредени производи, кога во име на судската власт можат да се доделат рамковни договори со кои може да се обезбеди соодветен квалитет и цена за дадените средства.

Дијалогот се спроведува во рамки на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и Асоцијацијата Зенит, а е финансиран од Европската Унија. Проектот има за цел да придонесе за враќање на довербата на граѓаните во македонскиот правосуден сектор преку значително вклучување на граѓанското општество во суштински реформи.