dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Средба со Паулина Станоева од Делегацијата на ЕУ

27.08.2021

Во просториите на Државниот завод за ревизија, г-ѓа Паулина Станоева од Делегацијата на ЕУ во државата, одржа средба со Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и вработените од ДЗР кои активно учествуваа во активностите на минатиот и тековниот твининг проект финансирани од фондовите на ЕУ.  

Средбата се одржа по повод заминувањето на г-ѓа Станоева од функцијата Програмски менаџер во Делегацијата на ЕУ, која успешно ја извршуваше во изминатите седум години, а од 1 септември 2021 година својата професионална кариера ќе ја продолжи во соседна земја.

Главниот државен ревизор изрази благодарност за повеќе годишната успешна соработка и поддршката која г-ѓа Станоева ја даде за развојот на ДЗР и реформите во областа на државната ревизија, а во насока на имплементација на меѓународните стандарди на врховните ревизорски институции и примена на најдобрите европски практики.

Г-ѓа Станоева упати пофални зборови за кооперативноста на Главниот државен ревизор и вработените во ДЗР, и за постигнатите резултати и изрази поддршка во реализацијата на идните твининг активности. Планираните активности се однесуваат на подобрување на правната рамка за вршењето на државната ревизија со цел обезбедување на уставна, оперативна и финансиска независност, како и зајакнување на соработката со сите засегнати страни за ефикасно постапување по ревизорските препораки.