dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Неуплатени 950 илјади евра во Буџетот на РСМ од Општина Гази Баба

21.07.2021
Слика
Општина Гази Баба

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                               

- Соопштение за медиуми-              

Скопје, 21.07.2021 година

 

Неуплатени 950 илјади евра во Буџетот по основ на отуѓување и давање во закуп на градежно земјиште во сопственост на РСМ од Општина Гази Баба

 

Општина Гази Баба од периодот на преземање на надлежноста од 2012 година до 2020 година, средствата по основ на отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на РСМ ги уплаќа на несоодветна уплатна сметка што резултирало со помалку приходи во Буџетот на РСМ во износ од 58, 5 милиони денари за сметка на поголеми приходи во буџетот на Општина Гази Баба и Град Скопје. Истото се однесува и за наплатената договорна казна за непочитување на Законот за градежно земјиште од која причина во Буџетот на РСМ се уплатени помалку средства во износ од 1,2 милиони денари.

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Општина Гази Баба.

Ревизорите констатирале слабости при примената на Законот за постапување со бесправно изградените објекти кои имаат влијание на остварените приходи по овој основ во Буџетот на општината. Општина Гази Баба не изготвува годишни извештаи за користење на средствата од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти и не ги доставува до Министерството за транспорт и врски.

Кај Општина Гази Баба, Советот на општината од 2017 година наваму ги нема усвоено Годишните планови за вработување предложени од Градоначалникот поради што во Општината нема можности и по заминување во пензија на лица кои се на клучни работни места да се примаат нови лица што има влијание бројот на вработените во општинската администрација значително да се намали. Оваа состојба придонела во Општина Гази Баба преку приватна агенција за  вработување, да бидат ангажирани повеќе лица за извршување на работни задачи на редовни работни места согласно актот за систематизација кои не се пополнети, а дел од лицата работат на истите работни места подолго од две години што не е во согласност со Законот за приватните агенции за вработување.

Констатирани се состојби на непочитување на одредбите од Законот за здруженија на граѓани и фондации и Законот за спорт. Имено присутна е појавата без критериуми или без утврден максимален и минимален износ да се доделуваат средства на друштва и здруженија и спортски клубови.

Ревизорите утврдиле дека во општината се присутни проблеми во делот на пописот на имотот и обврските, состојба која е актуелна со години и не овозможува усогласување на состојбата на средствата и обврските помеѓу сметководствената евиденција и фактичката состојба утврдена со пописот.

Во однос на капиталните инвестиции има појава на непочитување на одредбите од Законот за градење кое најчесто се однесува на неизготвени извештаи за технички прием на градби или фазна градба како и непочитување на одредбите од договорите.

Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки на работи особено во делот на изготвувањето на техничката документација и предмер пресметката во случаите кога се применуваат единечни цени по позиции без да се содржани количини за изведба на работите при што не секогаш се обезбедува принципот на економична понуда.

Во делот на нагласување на прашања на неизвесност и континуитет ја нагласуваме состојбата која се однесува на зајакнување на фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, имено во ноември 2018 година од страна на Собранието на РСМ донесен е Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски.

Од извршениот увид во доставената документација ревизијата утврди дека Советот на Општина Гази Баба има донесено Одлука за одобрување на Извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. Од добиените средства искористени се 66,2 милиони денари за намените за кои се добиени, а остатокот во износ од 5,3 милиони денари Општина Гази Баба ги има вратено во Буџетот на РСМ.

Во останати прашања во извештајот се нагласени системските слабостите кои се актуелни кај единиците на локалната самоуправа, а се однесуваат на Законот за даноците на имот, Законот за комуналните такси, Законот за земјоделско земјиште и Законот за градежно земјиште. Овие системски слабости имаат финансиски импликации во работењето на единиците на локална самоуправа и надлежните органи треба да преземат мерки за нивно надминување.

 

Линк до извештајот:
https://dzr.mk/mk/210721-revizija-na-regularnost-2020-els-gazi-baba

Прес контакт:

Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203

albiona.mustafa@dzr.gov.mk

Мијалче Дургутов +389 70 358 486

[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517

[email protected]