dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Промоција на Твининг проектот на ДЗР и партнерите

08.07.2021

Активностите и целите на Твининг проектот финансиран од Европската Унија (ИПА програма 2018) со наслов „Подобрување на надворешната ревизија и Парламентарниот надзор“, беа официјално претставени и презентирани на денешниот јавен настан, кој се одржа во просториите на Europe House во Скопје.

На настанот присуствуваа главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми, претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, претседателот на ВРИ Бугарија, Цветан Цветков, заменик главниот државен ревизор на ВРИ Хрватска, Недиљка Рогошиќ, како и амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски истакна дека за ДЗР е од големо значење поддршката која ја добива од делегацијата на ЕУ за имплементација на проектот, во соработка со партнерите  од ВРИ Хрватска и ВРИ Бугарија и Собранието на РСМ. Истовремено потенцираше дека активностите од овој проект ќе придонесат за поефикасно постапување на институциите по ревизорските извештаи и зајакнување на соработката.

Свое обраќање имаше и претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери  кој истакна дека во Собранието се започнати консултации за формалното разгледување на ревизорските извештаи во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизорските извештаи и донесување заклучоци.

Според Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегација на Европска унија во Република Северна Македонија, воспоставувањето на ефикасен систем за јавни финансии е предуслов за развој на секоја држава, со што ќе се намали процентот на корупција и ќе се зголеми довербата кај граѓаните за тоа како се користат јавните средства.

Заменик главниот државен ревизор на Република Хрватска, Недиљка Рогошиќ, ја истакна важноста на работењето на врховните ревизорски институции кои преку дадените препораки во ревизорските извештаи влијаат врз подобрувањето на законската регулатива и ефикасното користење на јавните средства за подобрување на животот на граѓаните.

Претседателот на Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, Цветан Цветков, во своето обраќање потенцираше дека преку имплементација на проектните активности со цел подобрување на законската регулатива, административните капацитети и соработката со надлежните институции, врховните ревизорски институции градат мостови помеѓу државите и институциите, а со тоа и размена на искуство и презентирање на добрите практики.

Проектните лидери на трите партнерски ВРИ, ги презентираа досегашните резултати од проектните активности, како и активностите кои следат и се очекува да бидат реализирани во предвидените четири компоненти. За таа цел беше презентирано и изготвеното видео за твининг проектот во кое се опишуваат дел од проектните активности и очекувањата од проектот.

Настанот се емитуваше и онлајн и го проследија претставници на различни институции како што се Влада на РСМ, Јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, ревизори од Државниот завод за ревизија, како и претставници од ВРИ Хрватска и Бугарија и амбасадите на Хрватска и Бугарија.

Линк од настан: https://www.youtube.com/watch?v=sPB-_6VeBnk

Линк од видео: https://www.youtube.com/watch?v=hQEtrmex8A0