dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Пандемијата негативно се одрази на буџетскиот дефицит за 2020 година

02.07.2021
Слика
Буџет на РСМ за 2020 година

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
 - Соопштение за медиуми -
    

Скопје, 02.07.2021 година                                                                            

 

Пандемијата предизвикана од корона вирусот, негативно се одрази на буџетскиот дефицит за 2020 година

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на Основниот буџет на Република Северна Македонија, со која се опфати подготовката, донесувањето, управувањето и извршувањето на Буџетот на РСМ за 2020 година.

Буџетот за 2020 година беше донесен во износ од 191 милијарда денари, што во однос на 2019 година претставуваше зголемување за 23%. Здравствено-економската криза предизвикана од глобалната пандемија на вирусот COVID-19 имаше влијание врз Буџетот на РСМ за 2020 година како и на дефицитот на државата, што наметна потреба од изменување и дополнување на Буџетот на РСМ во насока на обезбедување на средства за намалување на последиците од истата, со што Буџетот за 2020 година се зголеми на 204 милијарди денари односно за околу 5% во однос на првично планираниот.

За олеснување на последиците од кризата, Владата на РСМ во текот на 2020 година донесе четири пакети на економски мерки, кои се реализираа преку владината потпрограма П1-Мерки за справување со COVID-19 кризата, за која од Основниот буџет на РСМ во 2020 година направени се расходи во износ од 13,8 милијарди денари.

Поради присутните ризици поврзани со времетраењето на пандемијата во глобални рамки, во 2020 година во Буџетот на РСМ имаше намалување на приходната страна за 15% и зголемување на расходите за 1,6% од првично проектираните, што придонесе планираниот дефицит во износ од 17,4 милијарди денари да се зголеми и на 31.12.2020 година изнесуваше 53,9 милијарди денари односно 8,11% од БДП. Финансирањето на буџетскиот дефицит се вршеше со средства обезбедени преку задолжување од странски и домашни извори.

Преку задолжување во странство остварени се приливи во износ од 58 милијарди денари, што е значително поголем износ во однос на 2019 година, кога истите изнесувале приближно 8 милијарди денари, што е резултат на  остварен прилив од издадена еврообврзница на РСМ на меѓународниот пазар на капитал. Приливите од задолжување со еврообврзница претставуваат 73% од вкупните приливи од надворешно задолжување. Исто така во 2020 година остварени се приливи од задолжување кај ММФ и Европска унија, заради брзо финансирање и справување со последиците од пандемијата на вирусот COVID-19, како поддршка на Буџетот на РСМ за време на траење на вонредната состојба.

Во 2020 година по основ на задолжување во земјата евидентирани се приливи во вкупен износ од 36 милијарди денари односно за 91% повеќе од 2019 година, што е резултат на повеќе приливи од издадени државни обврзници, како и од задолжување со краткорочен заем кај домашни банки.

Вкупните приходи и приливи во Основниот буџет на РСМ за 2020 година се остварени во износ од околу 215 милијарди денари односно за 34% повеќе во однос на 2019 година.

                                                                                                                                  во 000 денари

Табела 1

Најголемо учество од 48% во вкупните приходи имаат даночните приходи, чие администрирање и контрола се во надлежност на Царинската управа и Управата за јавни приходи, кај кои укажавме на потреба од зајакнување на кадровските и техничките ресурси, унапредување на ИТ системите, како и потреба од зајакнување на воспоставените контроли при пресметката, евидентирањето и наплатата на даночните приходи, повратот на ДДВ, заради целосни, комплетни и навремени податоците. Исто така утврдивме потреба од доуредување на регулативата за начинот на постапување на УЈП во случај на одземање на надлежност на општините при констатирани недоследности во нивното работење во делот на даноците на имот.                                                                                                                                                                                                                                          

Вкупните расходи и одливи во Основниот буџет на РСМ за 2020 година се извршени за 32% повеќе во однос на 2019 година. Во структурата на извршените расходи и одливи на Основен буџет на РСМ за 2020 година, најголемо учество имаат расходите за отплата на главнина со 21%, тековните трансфери до вонбуџетските фондови со 19%, расходите за субвенции и трансфери со 15% како и расходите за плати, наемнини и надоместоци со 14%.

                                                                                                                                        во 000 денари

Табела 2


Расходите за главнина во 2020 година се значително зголемени поради отплата на четвртата еврообврзница издадена во 2015 година, со рок на достасување во 2020 година, како и поради отплата на дел од долгорочен кредит (втора рата од заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, склучен во 2013 година) кој доспеа за плаќање на 29.01.2020 година.

Во делот на тековните трансфери до вонбуџетски фондови, утврдивме дека учеството на средствата од Основниот буџет на РСМ за покривање на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на пензии во 2020 година во однос на 2019 година е намален за 3%.

Со извршената анализа на портфолиото на јавниот долг преку намената на задолжувањето, утврдивме дека од вкупниот износ од 6,5 милијарди евра, 4,8 милијарди евра е за финансирање на буџетски дефицит односно за буџетски потреби, додека 1,6 милијарди евра е задолжување за финансирање на проекти и инвестиции. Ваквата структура на портфолиото на долгот, каде 75% од јавниот долг односно 88% од државниот долг е за буџетски потреби, а само 25% од јавниот долг и 12% од државниот долг е за финансирање на проекти и инвестиции, создава ризик од несоодветно влијание на економскиот раст и одржливоста на долгот.

Од извршената анализа на извештаите за пријавени обврски заклучно со декември 2020 година, ревизијата констатира дека од вкупно 1.380 субјекти, во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврските (ЕСПЕО) податоци имаат доставено 1.047 субјекти односно 76% согласно кои доспеани а неплатени обврски се во износ од 17,8 милијарди денари, што е за 6,7% повеќе во однос на 2019 година.

Податоците за износот на обврските за 2020 година Министерството за финансии ги објавува на својата веб страна, според кои најголемо учество во вкупните обврски имаат јавните здравствени установи со 41,63% и општините со 20,75%, најмало учество имаат регулаторните тела со 0,01%. Укажавме на потребата од интензивирање на активностите за воспоставување на надзор на субјектите во однос на целосноста и точноста на пријавените неподмирени обврски.

Во ревизорскиот извештај, од доставената документација од Министерството за финансии, констатиравме дека нема значајни промени во однос на финансиската нестабилност на општините во 2019 година, односно во декември 2020 година, 11 општини во РСМ од вкупно 81 општина, работат и функционираат со блокирана трансакциска сметка, и потребно е ваквата состојба да претставува предмет на анализа од надлежните органи во делот на извршување на пренесените надлежности.

Приходите во општините во 2020 година се реализирани за 30,37% помалку во однос на планираните приходи. Имајќи ја предвид состојбата со финансиска нестабилност и континуираната потреба од финансиска помош на општините од страна на централниот буџет укажавме на потребата од реално планирање на приходите на општините, како и на преземањето на нови обврски за општината без да се наруши нејзината финансиска стабилност и ликвидност.

Линк до извештајот:

https://dzr.mk/sites/default/files/2021-07/01_FR_Osnoven_budzet_RSM_2021_KOMPLET_REDUCE.pdf

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]