dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

37% од приходите на ПИОМ се буџетски средства за исплати на пензии

22.06.2021
Слика
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми-  

Скопје, 22.06.2021 година

       

Средства од Буџетот на РСМ за покривање на дефицитот за исплата на пензиите учествуваат со 37%  во вкупните приходи на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот) за 2019 година.

Со извршената ревизија за 2019 година ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските

трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2019 година

Ревизорите со извршената ревизија констатираат слабости во системот на интерни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата  на пензиските примања во кој не се обезбедена целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесите со ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО  и од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право

Во објавениот ревизорски извештај се утврдени слабости во делот на:

    • недостиг на стручен и обучен кадар за изготвување актуарски анализи за состојбите во пензискиот систем, ИТ кадар за поддршка на постојните процеси, внатрешната ревизија функционира без утврдениот законски минимум што влијае на можноста раководството да преземе активности за подобрување на работењето и недоволната екипираност на Комисијата за оцена на работната способност со лекари специјалисти влијае на квалитетно и навремено донесување на Наод, оцена и мислење, врз основа на што се остваруваат права од ПИО.
    • слабостите во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО.
      Исто така, нарушено е и се доведува во прашање остварувањето на личните и материјални долгорочни права на дел од осигурениците кои немаат механизми за докажување на платен придонес за одреден период во осигурување;
    • нераспоредени средства  во износ од  142 милиони денари кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО;
    • недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства, упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период; 
    • недоволниот степен и интензитет на дигитализирање и електронско архивирање на документите од микрофилмските ленти во изминатиот период влијае на рационалното искористување на средствата.

Ревизорскиот извештај упатува на структурата и нивото на остварени приходи, кои се прикажани во следниот графикон:

Структура на приходи на Фондот

                                                                                                                                             000 денари

Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2019 година се зголемени за 10% во однос на претходната, на што значајно влијание имаат измените на Законот за ПИО од декември 2018 година и по основ на вратени придонеси со принос од приватните пензиски друштва. Оствареното зголемување на приходите во 2019 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година кои се однесуваа на исплата на пензиските примања за вкупно 333.722 корисници на пензиски примања и се за 6,7% повисоки во однос на 2018 година. 

За покривање на дефицитот на средства за исплата на пензии во 2019 година трансферирани се средства од Буџетот на РСМ во висина од 28 милијарди денари кои во вкупните приходи на Фондот учествуваат со 37%.

Од друга страна ревизијата во континуитет ги истакнува слабостите на воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој од 2009 година се врши од страна  УЈП без да биде обезбедено целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите. Поради наведеното Фондот нема целосни и прецизни податоци за побарувањата по основ на неплатен придонес од ПИО ниту има надлежност за наплата на истиот, што влијае на комплетноста на приходите и на остварувањето на правата од ПИО на осигурениците за кои не е платен придонесот.

Линк до извештајот:

https://dzr.mk/sites/default/files/2021-06/02_RR_Fond_penzisko_invalidsko_osiguruvanje_Severna_Makedonija_final.pdf

 

Прес контакт:

Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203

albiona.mustafa@dzr.gov.mk

Мијалче Дургутов +389 70 358 486

[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517

[email protected]