dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Експертиза на ДЗР во надзорот врз безбедносниот сектор

04.03.2020
Слика
Мотив од состанокот на ДЗР и ЦЕСС

На барање на претставниците на Центарот за европски безбедносни студии од Холандија, во Државниот завод за ревизија се одржа работна средба на која се дискутираше за зајакнувањето на парламентите и граѓанските организации во остварувањето на ефикасен надзор врз безбедносниот сектор.

Директорот на ЦЕСС, Марајн Хартог заедно со својот соработник Питер Ванхојте презентираа дел од планираните активности во рамки на проектот „Развој на капацитети, соработка и култура во надзорот врз безбедносните сектори во Албанија, Косово и Северна Македонија (ДЕКОС)”, во кој е планирано со своја експертиза и искуство да се вклучат и ревизорите од Државниот завод за ревизија.

Имено, овој проект кој започна со активности во август 2019 година се спроведува и реализира од страна на: Центарот за европски безбедносни студии од Холандија, Институтот за политички студии и Институт за демократија и медијација од Албанија, Институтот за истражување и развој на политики од Косово и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје како локален партнер.

Притоа беше истакнато дека при градењето на капацитетите, проектот предвидува одржување на 16 национални обуки за парламентарните служби, претставниците на граѓанскиот сектор, Народниот правобранител и Државниот завод за ревизија. Исто така, ќе бидат организирани и 5 регионални обуки со цел размена на искуства и дискусии за заедничките предизвици на целните групи во Северна Македонија, Албанија и Косово.

Во таа насока, главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски истакна дека Државниот завод за ревизија со задоволство ќе ја понуди својата експертиза и долгогодишно искуство во активностите од предвидениот проект.