dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Претставниците на ММФ на работна средба во ДЗР

29.01.2020
Слика
Sostanok DZR i MMF

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и г-ѓа Тања Јаневска, Помошник на главниот државен ревизор, остварија средба со г. Симон Грум и г-ѓа Ди Хај, експерти на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во однос на спроведувањето на Проценката за управување со јавните инвестиции (ПИМА).

Во периодот од 21 јануари – 4 февруари 2020 година, експертите на ММФ спроведуваат мисија за Проценка на управувањето со јавните инвестиции – ПИМА во Република Северна Македонија, преку реализирање на состаноци со претставници од повеќе надлежни институции во земјата. Целта на овие состаноци е да се стекнат релевантни информации за оценување на предвидените процедури, алатки, одлуки и процеси коишто се имплементираат во управувањето со јавните инвестиции, како и да се идентификуваат одредени приоритети во спроведувањето на реформите.

Експертите за ПИМА на состанокот се фокусираа на прашања за искуствата на ДЗР во спроведените ревизии на инфраструктурни проекти, особено во фазата на нивната имплементација, како и во делот на нивното завршување во однос на остварувањето на целите и постигнување на ефектите за кои биле поставени.

Претставниците на ДЗР образложија дека инфраструктурните проекти се ревидираат преку ревизии на регуларност на субјектите опфатени со Годишната програма за работа на ДЗР, но и преку ревизии на успешност на области и теми кои се од јавен интерес. Притоа беа посочени примери од спроведени ревизии на успешност во областа на железницата, гасификацијата, обезбедување на рамномерен регионален развој, образованието, спортот и други области. 

Постигнатите резултати од спроведената ПИМА, како и изготвените препораки за подобрување на процесот на управување со јавните инвестиции ќе бидат содржани во конечниот извештај од спроведената проценка.