dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР го достави до Собранието Годишниот извештај за извршените ревизии и работата на Државниот завод за ревизија за 2025 година

29.06.2026

Државниот завод за ревизија ја реализираше Годишната програма за работа за 2025 година, при што Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски го достави Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2025 година до Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши.

Во текот на 2025 година, Државниот завод за ревизија спроведе 76 ревизии, опфати 244 субјекти и изготви 120 ревизорски извештаи. Беа утврдени состојби и дадени 1.073 препораки насочени кон унапредување на работењето на институциите, поефикасно управување со јавните средства и јакнење на отчетноста во јавниот сектор.

Годишниот извештај ја нагласува важноста на ревизијата како алатка која не завршува со утврдување на состојбите, туку има цел да поттикне подобрување на процесите и практиките во институциите.

Во таа насока, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски истакнува:

„Ревизијата сама по себе не носи промени. Промените ги носат институциите преку навремено и доследно постапување по ревизорските препораки. Затоа, користењето на ревизорските извештаи како инструмент за подобрување на работењето на институциите останува заедничка одговорност на сите носители на јавни функции.“

Ревизорските активности во 2025 година опфатија области од значење за граѓаните и јавниот интерес, меѓу кои управувањето со јавните средства, јавните набавки, капиталните инвестиции, дигитализацијата, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и други приоритетни области.

Преку независна, објективна и професионална ревизорска работа, Државниот завод за ревизија продолжува да придонесува кон подобро управување, поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес.