dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Поддршка за новиот Закон за државната ревизија и зајакнување на независноста, капацитетите и ефективноста на ДЗР

14.11.2025

На 13 ноември 2025 година, во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, со Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми и претставници на ДЗР одржаа работна средба со Н.Е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија и неговите соработници. 

На средбата беа разменети информации за тековните активности и постигнувања на ДЗР, со посебен фокус на ревизијата на Реформската агенда, улогата на ДЗР во превенцијата и борбата против корупцијата, тековната техничка поддршка на ЕУ за унапредување на институцијата, како и идните иницијативи за зајакнување на транспарентноста, отчетноста и усогласеноста со меѓународните стандарди и најдобрите европски практики.

ЕУ Амбасадорот ја поздрави посветеноста на ДЗР во унапредувањето на јавната отчетност и борбата против корупцијата и искажа силна заложба за поддршка за:

  • донесување на новиот Закон за државната ревизија;
  • осигурување на оперативната и финансиската независност на ДЗР;
  • соодветно вреднување на трудот на вработените во ДЗР;
  • обезбедување доволно административни капацитети за непречено извршување на законските надлежности на институцијата; и
  • зајакнување на додадената вредност од ревизиите преку парламентарна дискусија и спроведување на препораките од ревизорските извештаи.

Од страна на ДЗР беше изразена благодарност за континуираната поддршка, како и за стратешката заложба на Европската Унија да придонесе кон понатамошно зајакнување на институционалната независност, капацитетите и ефективноста на Државниот завод за ревизија.