Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, оствари работна посета во просториите на Црвениот крст на Република Северна Македонија, каде што беше пречекан од генералниот секретар, д-р Саит Саити.
На средбата се разговараше за значењето на транспарентноста, отчетноста и доброто управување во работењето на хуманитарните организации, како и за можностите за натамошна соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Црвениот крст. Двете институции ја потенцираа потребата од силни, одговорни и транспарентни модели на функционирање кои ја градат довербата на граѓаните.
Во знак на признание за исклучителната поддршка, долгогодишната соработка и афирмацијата на хуманите вредности, генералниот секретар Саити му додели благодарница на Главниот државен ревизор. Ова признание претставува симбол на почит кон лидерството и институционалната посветеност што со личен и професионален пример ја промовираат солидарноста, грижата за општеството и хуманоста како клучни општествени принципи.
Државниот завод за ревизија, преку својата мисија за транспарентност и отчетност, доследно ја покажува и својата човечка одговорност градејќи мост на доверба со граѓаните преку хуманитарни активности, донации во моменти на елементарни непогоди и човечки трагедии, како и преку организирање на повеќекратни крводарителски акции.
Овие активности се потврда дека вистинската сила на институциите не се мери само со професионални резултати, туку и со хуманоста, солидарноста и посветеноста кон општото добро.
Посетата беше потврда за заедничката определба на двете институции да продолжат да соработуваат во насока на унапредување на транспарентноста, интегритетот и грижата за граѓаните.