Делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, заедно со Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми и советникот на главниот државен ревизор г-ѓа Тања Јаневска, учествуваше на 25-тиот Конгрес на Меѓународната организација на врховни ревизорски институции (INTOSAI) – INCOSAI, кој се одржа од 27 до 31 октомври 2025 година во Шарм ел Шеик, Арапска Република Египет.
На пленарните сесии на Конгресот беа дискутирани две главни теми:
Тема I: „Улогата на ВРИ во ревизија на централните банки и владините активности во финансиски и економски кризи“;
Тема II: „Користење на вештачката интелигенција во ревизијата“.
Покрај пленарните сесии, настанот опфати и состаноци на работните тела на INTOSAI, панел дискусии, странични настани, изложбен простор на врховни ревизорски институции и меѓународни организации и тела и бројни билатерални средби.
Во однос на првата главна тема, на покана на Францускиот суд за ревизија на 31 октомври 2025 година Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше како панелист на паралелниот настан на JURISAI – Меѓународната организација на ВРИ со судска надлежност на тема „Улогата на ВРИ во отчетноста на јавните менаџери во имплементација на политиките како одговор на економските и финансиските кризи“.
Во своето излагање на тема „Ревизии поврзани со одговорот на КОВИД-19 кризата и соработката со јавното обвинителство“ тој ги претстави резултатите и ефектите од пет ревизии извршени од ДЗР во однос на справувањето со последиците од пандемијата, јавните набавки на медицински материјали, користењето на донации и мерките за поддршка на економските сектори погодени од кризата, како и соработката со Јавното обвинителство, со кое ДЗР има потпишано Меморандум за соработка и е воспоставена размена на информации и експертски знаења со цел унапредување на ефектите од ревизиите.
Во текот на Конгресот, делегацијата на ДЗР оствари повеќе средби со високи претставници на врховни ревизорски институции и меѓународни организации.
На 29 октомври 2025 година, делегацијата на ДЗР учествуваше на средбата со Н.Е. д-р Хусам Алангари претседател на Генералниот суд за ревизија на Кралството Саудиска Арабија во однос на Фондот за подобрување на перформансите на ВРИ (FISP), од кој на ДЗР во изминатите години му беа доделени грантови за набавка на ИТ опрема за зајакнување на институционалните капацитети за ревизија. Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Фондот и можностите што тој ги дава за развој на институционалните капацитети на врховните ревизорски институции.
Присуството на Конгресот овозможи остварување на билатерална средба со домаќинот Н.Е. Мохамед Ел-Фаисал Јоусеф, Претседател на ВРИ на Египет и Претседател на INTOSAI, на која во срдечна атмосфера од двете страни беше искажан интерес за продлабочување на билатерлната соработка, како и соработката во рамки на работните тела и регионалните организации на INTOSAI.
На 31 октомври 2025 година беше остварена значајна билатерална средба со г. K Санџај Мурти, Главен државен ревизор на Индија, на која се дискутираше за можностите за идна соработка, особено во областите на ревизија на животната средина, употреба на ИТ и вештачка интелигенција во ревизиите, како и развој на капацитетите преку обуки во специјализирани меѓународни центри. Г. Мурти ја изрази подготвеноста на ВРИ Индија да ја продлабочи билатералната соработка со ДЗР во области од интерес.
Работна средба беше остварена и со делегацијата на Романскиот суд за ревизија на која во име на Претседателот г-ѓа Мирела Калугареану беше врачено писмо за благодарност за поддршката што ДЗР ја даде за кандидатурата на Романскиот суд за ревизија за наградата Кими Маквету, што се доделува за време на INCOSAI.
Присуството на Конгресот овозможи и размена на информации со регионалните организации на INTOSAI, меѓу кои со AFROSAI, ASOSAI, ARABOSAI и EUROSAI, кои имаа свои претставувања во рамките на Конгресот. Делегацијата на ДЗР ги разгледа можностите за интензивирање на идните активности и учества во работните тела и проектните иницијативи на INTOSAI и IDI.
На Конгресот беше усвоена Декларацијата од Шарм Ел Шеик, која ја истакнува колективната посветеност на членовите на INTOSAI за унапредување на ревизиите на јавните средства во услови на глобални трансформации.
Учеството на ДЗР на XXV INCOSAI претставува потврда за активната улога и меѓународната видливост на институцијата во глобалната заедница на врховни ревизорски институции, како и нејзината посветеност на унапредување на државната ревизија, транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните средства.