Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, и Главниот ревизор на Врховната ревизорска институција на Босна и Херцеговина, г. Хрвоје Твртковиќ, одржаа билатерална средба во Сараево, посветена на зајакнување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на државната ревизија.
Во духот на меморандумот за соработка, средбата беше можност за продлабочување на соработката преку разгледување на можностите за спроведување на паралелни ревизии на теми од заеднички интерес. Ваквиот пристап не само што ќе придонесе за унапредување на ревизорските методологии, туку и ќе ја зајакне отчетноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства.
Дополнително, разговорите опфатија клучни аспекти од ревизорската пракса, вклучувајќи ја важноста на развивање јасна рамка на компетенции и континуирано унапредување на вработените, зајакнување на соработката со меѓународни организации, како и размена на знаење и добри практики за поефикасно спроведување на ревизорските активности.
Посебен акцент беше ставен на ревизијата на целите за одржлив развој и на значењето на ефективното презентирање на ревизорските наоди, со цел зголемување на нивното влијание и додадената вредност во јавниот сектор.
Средбата ја потврди посветеноста на двете институции на континуирана размена на знаење и искуства, отворајќи нови можности за соработка и заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на ефикасноста и достапноста на државната ревизија, а со цел да се обезбеди поголема отчетност и одговорност во интерес на граѓаните.