dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Билатерална средба со Претседателот на Судот за ревизија на Република Италија

27.03.2025

Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, оствари билатерална средба со Претседателот на Судот за ревизија на Република Италија, г. Гуидо Карлино, на која беа разменети искуства за институционалниот развој, транспарентноста и меѓународната соработка.

Во рамките на средбата, претставниците на Државниот завод за ревизија ги презентираа клучните аспекти од институционалниот развој, со акцент на континуираниот подем на ДЗР преку зајакнување на ревизорските капацитети и унапредување на процесите на државната ревизија.

Посебен акцент беше ставен транспарентноста и активната комуникација со засегнатите страни, како основа за зголемување на довербата во ревизорските наоди и препораки. Дополнително, беше потенцирана важноста на меѓународната соработка за размена на искуства и добри практики, со цел унапредување на знаењата и вештините на вработените преку учество во регионални и меѓународни иницијативи.

„Државниот завод за ревизија денес е силна, независна и институција за пример која постојано ги зајакнува своите капацитети, воведува иновативни ревизорски методологии и активно придонесува кон унапредување на јавната отчетност. Нашата заложба за професионален развој и транспарентност не е само стремеж, туку реалност што се потврдува преку конкретни резултати и зголеменото влијание на ревизорските извештаи во јавноста“ изјави г. Ацевски.

Претседателот на Судот за ревизија на Италија, г.  Гуидо Карлино, ја поздрави динамиката на развојот на ДЗР и ја истакна важноста на институционалната соработка во градењето на ефикасен и отчетен систем на надворешна ревизија. Тој се согласи дека активната и транспарентна комуникација со засегнатите страни, не само што ја зајакнува довербата во ревизорските наоди, туку и придонесува за заштита на демократските вредности и отчетноста во управувањето со јавните средства. Г. Карлино нагласи дека континуираното професионално усовршување на вработените во овие институции е клучно за постигнување на повисоки стандарди и ефикасност во самиот процес на ревизија.

Во рамките на дискусијата беа разгледани можностите за натамошно зајакнување на соработката преку заеднички обуки, проекти и учество во меѓународни организации, со цел унапредување на знаењата и вештините на вработените.

Во рамките на посетата, г. Ацевски и г. Карлино одржаа работна средба со Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, на која беше разговарано за позитивните практики во земјите членки на Европската Унија и за продлабочување на соработката меѓу парламентите на двете земји.