dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Зајакнување на соработката меѓу ДЗР и Јавното обвинителство

05.11.2021
Слика
Зајакнување на соработката меѓу ДЗР и Јавното обвинителство

Претставници на Државниот завод за ревизија предводени од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и претставници на Јавното обвинителство предводени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, на 4 ноември 2021 година, остварија работна средба во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија 2018-2022 година“, кој Државниот завод за ревизија го реализира  во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер и Институтот Ресис.

Целта на одржаната работна средба претставува имплементацијата на Комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија која во оваа фаза е фокусирана на структурирање и подобрување на комуникацијата и соработката со Јавното Обвинителство и останатите надлежни институции, со што ќе се обезбеди доследно остварување на законските надлежности.  

На состанокот беше презентиран нацрт - протоколот за комуникација помеѓу двете институции кој треба да придонесе за зајакнување на комуникацијата и соработката, за што претставниците на двете институции изразија подготвеност за интензивирање на активностите.

Работната средба резултираше со заклучоци во насока на номинирање на лица од двете институции за остварување на побрза и поефикасна комуникација, иницирање на едукативни настани за ревизорите и обвинителите како можност за размена на искуства и знаења, заедничко дефинирање на форма во која ќе бидат посочени наодите и утврдени состојби од Конечните ревизорски извештаи по кои согласно законските надлежности треба да постапува јавното обвинителство, како и потпишување на Меморандум за соработка.