dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Работилница за родово одговорно буџетирање

05.07.2021
Слика
Ермира Лубани, раководителка на програмата за Европа и Централна Азија, со пофални зборови за успешната работилница со ревизорите.

Државниот завод за ревизија и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, во периодот од 1-3 јули 2021 година, реализираа работилница која беше фокусирана на родово одговорното буџетирање, со посебен осврт на родовата проценка на влијанието на политиката и регулативата.

Во текот на првиот ден од работилницата, ревизорите дискутираа во однос на законската регулатива, методологијата за родово одговорно буџетирање и активните секторски програми кои вклучуваат родово одговорно буџетирање. Обуката се фокусираше на проценката на влијание на регулативата (ПВР) и примената на родово одговорното буџетирање како неопходна алатка во фазата на извршување на ревизиите, планирани со Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година.

Работилницата изобилуваше со интерактивни вежби и студии на случај, преку кои беше потенцирано планирањето како значаен процес во насока на обезбедување на ефикасни родово одговорни политики, земајќи ги предвид можните влијанија кои можат да бидат социјални, економски и родови.

Ревизорите преку активна работа во групи и презентирање на своите идеи и досегашно искуство во оваа област, ги дискутираа процесите на собирање на сите неопходни податоци кои треба да бидат земени предвид при подготовка за извршување на ревизија, особено од аспект на родово одговорни политики.

Работилницата беше дел од проектот на UN Women „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој - Сида.