На 2 март 2026 година, на Економскиот факултет – Скопје, се одржа еднодневна интерактивна работилница на тема „Јавни набавки – дилеми и предизвици“, наменета за размена на практични искуства и продлабочување на знаењата во областа на јавните набавки.
Работилницата беше отворена со воведни обраќања на м-р Максим Ацевски, главен државен ревизор, и д-р Маре Богева Мицовска, директор на Бирото за јавни набавки, кои ја истакнаа важноста од континуирана едукација, правилна примена на законската регулатива и унапредување на транспарентноста и отчетноста во системот на јавни набавки.
Во рамки на првата сесија беа разгледани исклучоците од примена на Законот за јавните набавки, со осврт на општите исклучоци, условите поврзани со Спогодбата за јавни набавки на Светската трговска организација и други меѓународни спогодби, јавните набавки помеѓу договорни органи, како и набавките што се вршат од поврзани друштва или групи договорни органи. Особено внимание беше посветено на издавањето негативни референци, најчесто поставуваните прашања и практичните дилеми со кои се соочуваат институциите.
Во продолжение беа презентирани посебните начини за склучување на постапките, вклучително и доделувањето секторски договори и рамковната спогодба како инструмент за спроведување на постапката. Учесниците дискутираа за видовите рамковни спогодби и начините на доделување на поединечните договори, при што беа споделени конкретни примери од пракса.
Посебна сесија беше посветена на склучувањето и изменувањето на договорите за јавни набавки, со фокус на склучување анекси, користење средства за обезбедување и условите за наплата на банкарската гаранција. Преку интерактивна дискусија беа разјаснети прашања поврзани со законитоста и оправданоста на измените на договорите.
Во вториот дел од работилницата беа презентирани новините во Електронскиот систем за јавни набавки, користењето на е-пазарот, примената на „црвени знаменца“ како алатка за препознавање ризици, како и можностите за е-архивирање. Дополнително, беа образложени начините на вршење административна проверка и утврдената состојба во пракса.
Работилницата заврши со заклучни согледувања и активна дискусија, при што беше потенцирана потребата од континуирана соработка меѓу институциите и понатамошно јакнење на капацитетите со цел обезбедување ефикасен, транспарентен и одговорен систем на јавни набавки.