Во периодот од 18 до 19 февруари 2026 година, во просториите на Државниот завод за ревизија се одржа дводневна обука на тема „Форензички пристап и идентификација на ризик од измама“, како дел од проектот „Поддршка за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2024–2027“, финансиран од Европската унија.
Во време кога финансиските текови стануваат сè покомплексни, а ризиците од злоупотреби сè пософистицирани, форензичката ревизија претставува суштинска алатка за навремено препознавање на „црвените знамиња“, систематска анализа на податоци и обезбедување цврста доказна основа.
„Форензичката ревизија е повеќе од методологија, таа е проактивен пристап во препознавање и управување со ризиците. Преку јакнење на форензичките капацитети, Државниот завод за ревизија го зацврстува својот фокус на транспарентноста, отчетноста и навремената заштита на јавниот интерес,“ истакна Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски.
Во рамки на обуката, под менторство на експертката Evangelia Dimitroulia беа обработени теми поврзани со типологијата на измами и индикаторите на ризик, злоупотребата на средства и манипулацијата со финансиските извештаи, како и методологиите за проценка и рангирање на ризиците. Посебен акцент беше ставен на анализата на податоци, управувањето со докази и на структуирањето и известувањето во форензичките ангажмани, со цел обезбедување јасни, аргументирани и доказно поткрепени заклучоци.
Преку студии на случај и практични вежби, учесниците ги унапредија своите аналитички вештини и професионалниот скептицизам, што претставува значаен чекор во зајакнување на институционалните капацитети на Државниот завод за ревизија.
Оваа активност претставува значаен чекор во зајакнување на институционалните капацитети на Државниот завод за ревизија за навремено препознавање, проценка и третирање на ризиците од измама во јавниот сектор.