dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните

16.02.2026

На ден 16.02.2026 година, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа јавна расправа по конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ИТ ревизија на успешност на тема: „Можност за употреба на вештачката интелигенција во јавниот сектор“.

Јавната расправа се одржа во рамки на Клубот за младински прашања и политики, а настанот го отвори пратеничката и координаторка на Клубот, г-ѓа Драгана Бојковска, која истакна дека државата мора да чекори во чекор со современите демократии кои веќе ги користат алатките на вештачката интелигенција, посочувајќи дека и во работата на Собранието се применуваат одредени ВИ-решенија.

Во своето воведно обраќање, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, нагласи дека Државниот завод за ревизија преку оваа ревизија на успешност отвора стратешка дебата за подготвеноста на јавниот сектор за дигитална трансформација. Тој истакна дека извештајот го опфаќа периодот 2019–2024 година и дава сеопфатна анализа на институционалната, правната и техничката рамка за примена на вештачката интелигенција.

„Клучното прашање што го поставуваме е дали јавниот сектор е подготвен за примена на вештачката интелигенција. Во извештајот се анализирани стратешката рамка, законската основа, човечките ресурси, дигиталната инфраструктура и заштитата на личните податоци“, истакна Ацевски.

Извештајот го презентираше Советникот на Главниот државен ревизор, Сашо Јаковчевски, кој посочи дека за ефективна примена на вештачката интелигенција е неопходна сеопфатна и стабилна дигитална инфраструктура. Тој нагласи дека државата располага со растечка база на податоци и знаење, која, доколку се систематизира и соодветно управува, може да претставува солидна основа за воведување на ВИ-решенија во јавниот сектор.

Во извештајот е констатирано дека во анализираниот период биле вложени околу 6,1 милион евра во 48 проекти поврзани со оваа технологија, но дека тие не резултирале со суштинска и системска имплементација во јавниот сектор. Согласно наодите, неопходно е воспоставување јасна стратешка рамка, централен регистар на проекти, инвестиции во современа ИТ-инфраструктура, како и континуирано јакнење на човечките капацитети.

Министерот за дигитална трансформација, г. Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе спроведува проекти со кои се поставуваат основите за примена на вештачката интелигенција во јавниот сектор, нагласувајќи дека таа треба да претставува технолошка трансформација во служба на граѓаните – насочена кон поефикасни, подостапни и поквалитетни јавни услуги.

Во текот на дискусијата беше истакнато дека примената на вештачката интелигенција без соодветна правна рамка и институционална подготвеност може да создаде повеќе ризици отколку придобивки. Учесниците ја нагласија потребата од донесување национална стратегија, јасна законска регулатива, зајакнување на институционалните капацитети и обезбедување високо ниво на заштита на личните податоци.

Разгледувањето на конечните ревизорски извештаи во рамки на парламентарните комисии и тела претставува активност предвидена во Меморандумот за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието, со цел зајакнување на парламентарниот надзор и поефикасна имплементација на ревизорските препораки.

Државниот завод за ревизија и со оваа ревизија уште еднаш ја потврдува својата улога како лидер, која стратешки насочува кон одговорна, етичка и функционална примена на новите технологии во служба на јавниот интерес.